Македонија
30. November 2023 - 16:54

Скопје како во време на коронавирусот- Празни улици, со зголемено полициско обезбедување поради Самитот на ОБСЕ

Главниот град денеска наликува како во времето на коронавирусот, но не поради пандемија, туку поради самитот на ОБСЕ. Празни улици, празни автобуски постројки, но зголемено полициско обезбедување е сликата која го одбележа Скопје денеска.

Во училиштата не се слушаше детскиот џагор, а и наставниците си добија слободен ден. Денеска основните и средните училишта во главниот град беа со клуч на вратите. Високо-образовните институции во градот преку и-мејл ги информираа студентите да си седат дома. 

Во 12 часот освен екипата на ТВ Сител денеска немаше никој друг во дворот на ,,Универзитетот Св. Кирил и Методиј''. 

Ја немаше ниту вообичаената гужва во градските автобуси. И постројките беа празни. Сретнавме неколку граѓани кои излегле да си испазарат.  

По соопштението на МВР дека пунктовите за промена на личните документи ќе работат со полно работно време, дел од граѓаните си го искористија денот да си ги завршат обврските. 

Иако е неработен ден за јавната администрација поради самитот на ОБСЕ, овде во полициската станица Пролет, граѓани со часови чекаат на ред да се сликаат за лични документи.

Во изјава за Сител се пожалија дека со часови чекале да се фотографираат, а некои доаѓале и по вторпат. 

Здравјето не смее да чека, па затоа нема слободен ден ниту за здравствените работници, ниту за пожарникарите. Паркингот на скопските клиники беше полн со автомобили, а граѓаните уредно си го чекаа редот за закажаниот термин.