Скопје и Софија ја одбележаа 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Со низа свечености и настани во Република Северна Македонија и во Бугарија вчера беше одбележана 150-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев.
Во Скопје на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас се поклонија и положија венци цвеќе шефот на државата Стево Пендаровски, како и делегации на Собранието и на Владата предводени од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. На гробот на револуционерот цвеќе положи и оддаде почит и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Делегации на владите на Северна Македонија и на Бугарија предводени од министерката за култура Бисера Костадинова Стојчевска и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска вчера попладнето, се поклонија и положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, а почит одаде и европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент Илхан Ќучук.
Премиерот Димитар Ковачевски не присуствуваше на свеченостите во Скопје по повод годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, бидејќи се наоѓа во посета на Брисел, но преку пишана порака изрази почит и слава кон корифејот на македонското национално револуционерно движење.

-Гоце Делчев е составен дел од нашата заедничка историја со народот на Северна Македонија. Тој е една од личностите кои ги прават горди двата народа, наведува Петков.
Претседателот Стево Пендаровски во изјава за новинарите посочи дека не гледа проблем во тоа што македонска и бугарска делегација ќе положат цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје без оглед на тоа дали постои или не формална одлука за заедничко одбележување на неговата личност и дело. Во услови кога Историската комисија се уште нема дојдено до заедничка формулација, ова е вели чин на добра волја од двете страни кој ќе помогне за намалување на тензиите кои уследија по бугарското вето.
За изјавата на Петков дека постојат сили кои не сакаат развој на добрососедски односи меѓу двете држави дадена како коментар за посетата на делегација на здруженија на Македонци од Бугарија, претседателот Пендаровски смета дека таа не ја влошува ситуацијата. Нагласи дека треба да се има предвид и внатрешниот контекст кај соседот, бидејќи вели, откако е премиер реториката на Петков е како да зборува Мандела, ако се спореди со таа на министри од претходната влада на Борисов.
– Во однос на изјавата на Петков јас мислам дека тој не оди на личност, не оди навредливо. Не оди со реторика која, ако паметите колку до вчера беше стандардна дневна рутина, посебно за некои министри од претходната бугарска влада. Да ви кажам најискрено од она што го слушам од Петков последниве недели од кога е премиер е како да зборува Мандела, ако го споредите со тоа што зборуваа неколкумина министри од претходната влада на Борисов во која имавме дневна количина на навреди и кон нас и како народ и нација. Не мислам дека ја влошува состојбата. Мислам дека се држи до тоа што му е надлежност и се разбира имаат и тие внатрешен политички контекст како и ние што имаме и треба да гледате и дека има таква внатрешна една конотација секоја негова изјава, вели Пендаровски.
Инаку, стриктно говорејќи во договорна смисла владите преговараат меѓународни договори, владите потпишуваат, владите имплементираат, а претседателите, додава Пендаровски, се тука да помогнат во создавање амбиент за да се дојде до договор. – Сега, ако работиме лошо можеме и да одмогнеме. Јас се надевам дека помагаме, оценува Пендаровски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање ја најави декларацијата во Собранието со која, како што рече, сакаат да добијат поддршка од сите политички партии, и парламентарни и вонпарламентарни, за зацврстување на темелот за ликот и делото на Гоце Делчев.
-Очекувам сите политички партии без разлика дали се парламентарни или се надвор од Парламентот да ја поддржат декларацијата, рече Мицкоски.
На прашањето за став во врска заедничкото чествување на Гоце Делчев, Мицкоски нагласи дека нема ништо против ако тој се слави како голем Македонец и македонски син.
-Ако се слави 150-годишнината од раѓање на големиот Македонец, македонски син Горѓи Гоце Делчев немам против, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање нагласувајќи дека Гоце Делчев за него е Македонија.
Во Бугарија, пак, церемонијата на чествувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, се одржа во Благоевград каде на споменикот на револуционерот заедно со претседателот на Бугарија Румен Радев и бугарскиот премиер Кирил Петков, венец положи и вршителот на должност амбасадор на Северна Македонија во Бугарија Владимир Крстевски.
Радев во својот говор рече дека Гоце Делчев го посветил својот живот на слободата на Македонија и Одринско и дека затоа не треба да има поделби од двете страни на границата.
Тој посочи дека Гоце Делчев во текот на животот останал длабоко убеден во идеите за хуманизам, социјална правда, солидарност и братство меѓу луѓето, отфрлање на секаква тиранија и национално угнетување.
-Неговите зборови дека светот го доживува само како „поле за културен натпревар меѓу народите“ најдобро ги опишуваат размерите на идеите, верувањата на оваа неверојатна личност, рече Радев.
Премиерот Петков од своја страна на насобраните им порача дека историјата треба да се памети и чита, но најважно е да се разбере. Гоце Делчев го дефинираше како симбол на слободата и затоа, рече тој, многу е чудно како некои се обидуваат да ја искористат неговата личност за разделба.
Во својот говор Петков ги праша граѓаните дали е нормално некој да се обидува да ја искористи личноста на Гоце Делчев за да ги подели луѓето од двете страни на границата. Дали е нормално луѓето од двете страни на границата, луѓето кои гордо ги именуваат градовите, училиштата, улиците и плоштадите по името на Гоце Делчев да бидат разделени и дали денес сме ја сфатиле историјата и ги следиме нејзините принципи.
Македонската државна делегација која положи цвеќе на гробот на Делчев во Скопје беше исвиркана од група граѓани собрани пред црквата Свети Спас. Запрашан во однос на свирежите со кои беше пречекан од група граѓани собрани пред црквата Свети Спас каде е гробот на Делчев, шефот на државата нагласи дека тоа е нормално во едно демократска држава граѓаните слободно да изразуваат незадоволство.
– Ние сме тука, ние сме платени да трпиме секаква критика и невтемелена и втемелена од нашите граѓани и мене ми е драго што има и такви реакции меѓу другите, вели Пендаровски.
Претседателот Пендаровски беше покровител на изложбата организирана од Државниот архив во Музејот на македонската борба, која содржи документи, и кореспонденција на Гоце Делчев и на неговите најблиски соработници, а која досега македонската јавност немала прилика да ја види.
Ново на Сител
-
Милорад Додик осуден на една година затвор
-
Месец на франкофонијата
-
Економијата тоне
-
Членовите на Судски не чувствуваат одговорност во пресрет на интерпелацијата
-
Сончогледот повторно се враќа на македонските полиња
-
Преглед на вестите од светот
-
Мицкоски очекува од Советот на јавни обвинители при одлучување за Коцевски да го слушнат гласот на граѓаните
-
Мицкоски очекува од Советот на јавни обвинители при одлучувањето за Коцевски да го слушнат гласот на граѓаните