Македонија
29. November 2024 - 16:46

“Скапи” честитки за родители чии деца се невакцинирани согласно календарот

Стотина родители во Скопје овој месец ќе добијат “скапи” предновогодишни честитки од Државниот санитарен и здравствен инспекторат поради невакцинирање на децата согласно задолжителниот календар за имунизација. До ДСЗИ стигнале известувања од скопските вакцинални пунктови и веќе имаат 163 решенија само во ноември за плаќање на казна која се движи од 300 до 650 евра. Оние што нема да платат одат на суд.

-Во однос на законската обврска за задолжителна имунизација на определена возраст, Државниот санитарен и здравствен инспекторат согласно своите надлежности спроведува постапки за порамнување, при што, доколку родителите ја прифатат постапката за порамнување плаќаат половина од износот на предвидената глоба. Доколку не ја прифати постапката за порамнување, од страна на ДСЗИ се поднесува барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд. 

Што доколку родителот го однесе детето на вакцинација веднаш штом добие барање за парична казна? Во тој случај, со потврда за вакцинација ние ја стопираме постапката, вели д-р Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.

За разлика од ноември, првите 9 месеци годинава од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат има 165 постапки за порамнување и 92 барања до суд за родители чии деца ги немаат сите задолжителни вакцини.

Според информации од вакциналните пунктови, најмногу невакцинирани деца има со МРП, но и доцнење или одбивање за примање на ДиТеПер иако се уште е на сила епидемијата на голема кашлица во Скопје и Куманово.

И покрај бројните противници на вакцините, но и недоумици кај родители, Законот за заштита на населението од заразни болести е дециден.

Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).