Македонија
15. December 2024 - 20:00

Сител сторија: Пред 15 години се бореше за живот, денес е здрава и среќна тинејџерка

- Има само 16 месеци, а се бори за живот. Малата Јована од Штип се родила со двоен хранопроводник и мора итно да биде оперирана во Бремен, Германија...

- 16- месечната Јована полета за Бремен со голема надеж дека ќе биде спасена...

- Малата Јована се разбуди по тешката операција и успешно закрепнува...

- Таа е добро, напредува, рече докторката која ја оперираше Јована.

- Жива и здрава малата Јована се врати дома.

15 години подоцна Јована е здрава и среќна тинејџерка. Со семејството живее во Германија, сега има 16.5 години. Се дружи со врсниците, излегува, се забавува, а има и дечко.

-  Сега сум во средно школо, имам друштво, големо друштво. Учам за забен техничар. Имам контакти со друштвото и од Македонија, се гледаме кога доаѓам на летниот распуст и се дружиме, ни раскажа Јована Колевска.

Јована сама дознала дека била во критична здравствена состојба како бебе.

- Го гуглав моето име и видов слики од вашата телевизија, го прашав татко ми што се случувало и тој се ми објасни, рече Јована.

Таткото Сашко и мајката Маја до детали се сеќаваат на летото 2009 година. Месец дена траеле испитувањата на нивното дете на скопските Клиники, а на семејството најтешко им било кога докторите ги информирале дека во Македонија биле исцрпени сите можности за лекување на Јована.

- Тоа беа зборови кои ден денес ми звонат во главата и никогаш нема да можам да ги заборавам, затоа што навестуваа тешка борба со непознат непријател кој не ви остава време за реакција и сака да ви го одземе детето, ни изјави Сашко Колевски, татко на Јована.

Семејството не сакало да прифати дека е дојден крајот, стапиле во контакт со болницата во Бремен каде се согласиле да ја оперираат Јована, но проблем бил транспортот. Детето не било во можност да патува со комерцијален лет, туку само со медицински авион поради новонастанат проблем - инфекција на белите дробови како последица на долгото лекување во Скопје.

-  Во таа агонија дојдов до идеја, а тоа беше нешто што последно ми остана да побараме помош преку вас Сител телевизија со што би ја запознале јавноста, а пред се властите со проблемот, се сеќава Сашко.

Ден по објавената сторија на Сител, Владата обезбеди специјален медицински авион и Јована замина на итна операција. Интервенцијата  била комплицирана и траела околу 9 часа. Неколку дена дишела со помош на апарати. Во болницата останале една недела. Од ден на ден детето добро закрепнувало, но морале да бидат таму за редовни контроли  уште 40 дена. Голема подршка добиле од нашинци кои живеат во Германија.

-  Токму преку вас Сител телевизија успеавме да ја запознаеме власта, целокупната македонска јавност, а и пошироко во дијаспората, па овде ќе кажам дека и фамилијата Николовски од Охрид, која живее во Бремен и која ни ја даде целокупната подршка од почеток кога пристигнавме таму па се до крајот во смисла на сместување и се останато, а за сето тоа дознале преку вас Сител телевизија за ситуацијата и нашето пристигнување во Бремен. Не згрижија во нивната куќа. Останавме таму 40 дена, беше направено испитувањето, беше констатирана ситуацијата дека е се во ред и така среќно се вративме назад, се сеќава таткото Сашко.

Во 2018 - та повторно се враќаат да живеат и работат во Германија, а една од причините покрај финансиите е и успешното лекување на Јована, која ја сака да биде забен техничар.

Приказната за малата Јована е само една од многуте објавени приказни изминатите години со среќен крај. Сител телевизија е секогаш на страната на граѓаните, да алармира за нивните проблеми и да бара решенија од институциите.