Бизнис
16. January 2019 - 19:28

Синдикатите бараат пократок работен ден, и 2 јануари и 2 мај да бидат неработни

Синдикатот бара да се работи 7 часа дневно и 2 јануари и втори мај да бидат неработни денови. Од УПОЗ сметаат дека Макероднија треба да ја примени праксата од некои европски земји, каде што неделно се работи по 35 часа. Оваа иницијатива Синдикатото ја испратил и до Владата и Министерството за труд.

“Според нашите анализи и истражувања, продуктивноста, креативноста, но и најголемиот дел од работата се завршува до 14 часот”, вели Пецо Грујовски, Претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Во Владата сè уште не стигнало барањето, но велат дека до сега никогаш не се размислувало за воведување дополнителни неработни денови на годишниот календар.

“Одлуката што Владата ја донесе за 2 јануари да не се работи беше одлука донесена само за овој пат, за оваа година. До сега не сме го отвориле прашањето за измени и дополнувања на Законот за празници. Доколку дојдеме до таков момент веднаш ќе ја известиме јавноста”, вели Муамет Хоџа, Портпарол на Влада на РМ.

За бизнис секторот ваквите промени не одговараат зашто влијае на работата на стопанството.

“За јавниот сектор можеби овие промени се минорни, но за граѓанскиот и за бизнис секторот се од круцијално значање”, вели Миле Бошков, Претседател на бизнис-конфедерација на работодавачи.

Од УПОЗ посочија дека нивниот предлог во пракса значи подобра распределба на трудот, а ќе се отворат и нови работни места.