Македонија
10. July 2019 - 22:58

Силно невреме ја зафати Долна Преспа

Невреме проследено со силен дожд и ветер, а наместа и град, попладнево го зафати реонот на Долна Преспа, односно селата во близина на Граничниот премин Маркова Нога - Штрбово, Крани, Наколец, Љубојно и Долно Дупени.

Силното невреме направи голема штета, откорнати дрвја, паднати бандери, оштетени куќи и овоштарници, а стравичната глетка беше споделена на социјалните мрежи. Екипи на противпожарната единица, полицијата, Здравствениот дом Ресен и Македонија пат веднаш излегоа на терен. Заради невремето овие села останаа и без електрична енергија. Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски вели дека е направена голема материјална штета. 

-Правиме увид, гледаме дали има повредени, засега нема. Патот е ослободен, сите служби и пожарната и Македонија пат се активирани за расчистување на патот. Вакво невреме и постарите луѓе не паметат, за многу кратко време се направи голема материјална штета, има куќи останати без кровови, овоштарниците, но најбитно е, првично, што нема повредени засега, вели Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен.

Како што известуваат од Центарот за управување со кризи, во автокампот „Крани има паднати дрвја врз камп приколки и истите се оштетени. Луѓето кои престојувале во нив се згрижени кај соседите, но нема повредени. Во село Љубојно има паднати дрвја од кои има оштетена куќа и автомобил, а во село Наколец паднато дрво го препречило локалниот пат кон ова село.