Македонија
13. April 2019 - 14:31

Силјановска: Јас ветувам отворена врата, слух и разбирање за сите ваши проблеми, а за доброто на сите нас

Едно од клучните стратешки прашања околу кои се едногласни земјите-членки на ЕУ е квалитетот на високото образование, вклучително критериумите за избор на наставно-научниот кадар и научно-истражувачката работа. Денес во светот владее голема компететивност на овој план, за што зборува сето она што се случува во ЕУ, САД, Јапонија, Кина, но и многу помали држави. Во ЕУ се работи на изнаоѓање начини за градење и задржување на научниот кадар, од кој зависи економско-социјалниот развој на секоја земја, напиша кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

-Ајде, сега да се запрашаме: каде на овој план се нашите професори? Каде се нашите научници? Во каква положба се наоѓаат високото образование и научната дејност во Македонија? Дали нешто е променето на подобро во насока на воведување критериуми за извонредност и повисоки издвојувања за научни-истражувања? Дали се приближуваме кон европските текови или и на овој план доминираат импровизациите? Доаѓам од таа сфера и ги знам проблемите кои останаа и покрај донесувањето на новиот Закон за високото образование. Точно е дека сме оправдано предмет на многу критики и дека мораме да покажеме поголем квалитет, но ми се наметнуваат неколку битни прашања. Дали некој води сметка за олеснување на работата на младите соработници и научни кадри и на професорите, кои треба да се ослободени од администрирање за да можат да дадат многу повеќе, а нивниот научен потенцијал да се развива? Дали некому му е грижа за ниското ниво на кое се наоѓа нашето високо образование, споредено со регионот и со Европа? Што се прави да се задржат најбрилијантните и од нив да се создаде наставно-научен кадар за иднината? Зошто државата не обезбедува стипендии за и онака прескапите магистерски и докторски студии? Зошто оние со понизок социјален статус се оневозможени да ги покажат сите свои таленти? Или, само ни преостанува да си ги гледаме студентите и да се воодушевуваме од нив кога гледаме какви врвни научни достигнувања прават кога ќе заминат далеку од дома? Не е доволно да се запрашуваме и бараме одговори, кои и не ги добиваме. Како да се глуви за важноста на образованието и науката, токму оние кои најмногу треба да се грижат за тоа; инаку, сигурно ќе забележевме некој позитивен тренд. И денес, најдобрите професори се препуштени сами на себе секогаш кога треба да обезбедат пристап до најнова литература, опрема и ресурси за емпириски истражувања или за учество на меѓународни конференции. Не, не е ова патот кој ќе нѐ приближи до европските текови во областа на образованието и науката. Почитувани колеги, немаме време за губење. Не смееме да дозволиме попусто да се троши интелектуалниот и креативниот капацитет. Толку многу имаме да дадеме, не само на Македонија, туку и на Европа, па и пошироко. Затоа, ве повикувам да застанете со мене за заеднички да оствариме пат кон воведување вистински европски стандарди во образованието и науката. Јас, како Претседателка и една од вас, секогаш ќе бидам гласна за овие заложби, но и остварувањата, како на студентите, така и на младите научни кадри и нивните постари ментори. Попусто се само зборови и ветувања, доколку нема реализација. Јас ветувам отворена врата, слух и разбирање за сите ваши проблеми, а за доброто на сите нас, пишува Силјановска на Фејсбук.