Ристески: Новиот Закон за работни односи после 7 години ќе излезе од фиока
Нов Закон за работни односи или постојниот да претрпи промени, или пак да се направи комбинациј од новиот и стариот Закон, се опциите кои министеството за економија ги става на маса. Новиот Закон ќе треба да биде синхронизација помеѓу заштитата на работничките права и развојот на бизнис секторот, информираше денес заменик министерот за економија, Марјан Ристески, при посетата на осмата по ред „Текстилијада“ во Штип.
- Законот за работни односи 7 години е во фиока и никако да излезе од таа фиока. Затоа ние популарно го нарековме „Закон за туризам“, бидејќи претходната Влада го шеташе по разни хотели, туристички дестинации, работеа семинари, работни средби за тој Закон и никако да го донесат. Секако, оваа Влада ќе мора да донесе нов Закон за работни односи, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија
Агенцијата за вработување од своја страна врши анализа за креирање на нови мерки и програми за да одговори на понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
- Дефицитарниот кадар во моментот дури е од причина на специфичните барања што ги имаат работодавачите, не само во поглед на образованието на кандидатите, туку и некои дополнителни вештини и знаења, дополнителни сертификати. Тоа е и причина, доколку не најдат соодветна работна сила, да се одлучат да вработат странски државјани, изјави Весна Пешова, директорка на Агенција за вработување
Улогата на Агенцијата за вработување во однос на увезената работна сила е да врши проверка дали е надмината квотата и дали има македонски баратели на работа што ги исполнуваат специфичните барања на работодавачите. Годишната квота за странски работници е 20 000 и ја утврдува Владата, а досега Агенцијата има издадено 5000 позитивни мислења.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар