Само една од 800 згради во Карпош ги исполнува прописите за безбедност, рече Јакимовски
Само една од 800 згради во Карпош ги исполнува сите законски прописи за безбедност, рече градоначалникот Јакимовски. Ова го покажале направените вонредни контроли.
„Општина Карпош има 820 згради и 1.500 влезови. Значи, до сега одговориле 330 и уште 250 се јавиле на нашите телефони за дополнителни инструкции. Од онаа контрола што е направена од нашите инспекциски служби, само една зграда е исправна, како што викаат по правила на службата“ – Стевче Јакимовски, градоначалник на општина Карпош
Во меѓувреме, течат роковите во кои управителите на станбените згради и низ другите општини треба да ја проверат противпожарната заштита. Уште на почетокот од неделава добија допис кои обврски треба да ги завршат. Главната инспекторка на Аеродром вели имаат време да средат се, а контрола ќе направат инспекциски тимови поделени во неколку реони.
„Управителите имаат обврска да ја проверат хидрантската мрежа и хидрантските црева, односно нивната исправност. Исправноста на противпожарните апарати и многу се важни премините, затоа што секоја зграда има различен план за евакуација, во смисла некои имаат противпожарни скали, некои имаат премини од еден влез во друг, секаде е тој различен“ - Елена Ѓошевска Стојановска, главен инспектор во општина Аеродром
Празни хидрантски сандачиња, украдени или искинати црева, противпожарни скали затрупани со ѓубре, велосипеди, стар мебел се честа глетка низ зградите.
„Најнапред хидрантските мрежи коишто можам да кажам дека се запоставени во најголем дел од зградите, односно постојат како хидрантски мрежи меѓутоа ги немаат цревата. Мора да си ги стават во најбрз можен рок. Исто така, сите оние премини, односно пожарни скали коишто, исто така, голем дел од зградите ги имаат узурпирано со подвижни и неподвижни предмети. Ќе мора и тие, во најбрз можен рок, да си ги отстранат со цел да има непречен проток во, не дај Боже, ситуација каде што ќе претставува опасност и ќе мора да се евакуираат“ - Елена Ѓошевска Стојановска, главен инспектор во општина Аеродром
По извршените контроли ќе бидат доставени записници и до ЗЕЛС.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар