Силен ветер во Охрид, откорнати кров од зграда, бандера и дрвја | ВИДЕО
Откорната кровна конструкција на зграда, оштетен автомобил, падната бандера, искршени гранки…, е само дел од штетата предизвикана од силниот ветер што попладнево го зафати Охрид.
Дел од кровната конструкција од зграда на улицата „Галичица“ паднала на паркинг и според жителите оштетила еден автомобил.
Од Територијалната противпожарна единица од Охрид за МИА потврдија дека интервенирале на кров на улицата „Галичица“, бил отстранет разурнатиот дел поради безбедносни причини, а на терен биле и екипи на јавното претпријатие „Комуналец“.
– Регионалниот центар за управување со кризи Охрид извести дека на 195 од граѓани добиле дојава дека поради силен ветар дел од кров на зграда на улицата „Галичица“ се срушил (летнал), за што била известена Територијалната противпожарна единица – Охрид и Општина Охрид. Има и јавување од граѓанин дека е откорнат лим од ограда што ја оштетил фасадата на објект во близина, по што е постапено, информираа за МИА од Центарот за управување со кризи.
Од силниот ветер паднала и бандера на улицата „Ристо Чадо“ и дрва во близина на Општата болница и над Свети Јован Канео.
„Ohrid1.com“ објави дека надлежните екипи реагирале веднаш на локациите за да се отстрани хаосот кој го создаде невремето.