Македонија
17. December 2024 - 16:49

Таткото на починатото седуммесечно бебе: Го чуваш, го негуваш и за пет дена веќе го нема!

Зошто и од што почина седуммесечното бебе од Скопје кое пет дена било хоспитализирано на Клиниката за детски болести? Во тек е вонредниот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на Детска а ќе биде детално проверена документацијата и во други ординации и клиники  каде му била пружана здравствена заштита на бебето. Таткото и покрај големата болка и загуба, во изјава за Сител вели дека чека што ќе покаже обдукцијата, но не му е јасно зошто со денови оделе на прегледи и по различни установи а од клиника ги вратиле дома наместо да го хоспитализираат бебето. Болничкиот прием бил кога веќе било во тешка состојба.

- Бевме педијатар, Јане Снадански, клиника. И нигде не не хоспитализираа. Во понеделникот отидовме на Детска да дознаеме зошто е црвенилото. Отаму не препратија на Дерматологија, оттаму на Инфективна. Ги прашувам од што е црвенилото сите креваат раменици, викаат од температурата е ќе помине, вели Влатко Трпкоски, татко на починатото бебе.

Се почнало со температура и појава на црвенило за што од матичниот добиле терапија. И зголементо ЦРП на крвна слика било намалено со антибиотска терапија, но црвенилото на бебето не поминувало ниту пак температурата. Го хоспитализирале во тешка состојба и пет дена по приемот на Детска починало. Таткото од директорот на клиниката добил информација дека починало од синдром.

- Зошто не е примено во понеделникот туку веќе после 2,5 дена е хоспитализирано. Само ми рече да ги прашам тие на Инфективна. Јас го прашав јас ли треба да ги прашам, зашто не може ние 7 месеци бебето да е здраво, да напредува и за пет дена да го нема. Не е возможно тоа, како ни кажуваа така правевме. Не можам со сила да го хоспитализирам кога викаат одете дома, давајте му лек, вели Трпковски. 

Од октомври досега ова е четврти смртен случај на Детска за кој има вонреден надзор и стручни комисии. За седумесечното бебе од ДСЗИ најавија дека во текот на утрешниот ден ќе имаат првични информации по што ќе се знае дали ќе има и стручен надзор.