Македонија
27. јуни 2021 - 19:41

Што го кочи договорот со Бугарија: Дали Софија прави маркетиншки трик или Скопје чека стабилна Влада?

Македонските и бугарските аналитичари со различна оценка за ставот на Пендаровски дека петте точки се маркетинг од бугарска страна. Преговорите се непознаница и тешко е да се разграничи кои се главните точки на разидување, смета Малинка Ристевска од Институтот за европска политика.

Не е уверена дека петте барања се главниот проблем на Софија. Бугарија манипулира со информациите, вели Ристевска, но голем удел во конфузноста во македонската јавност имаат и домашните политичари.

“Факт е и дека изјавите од наша страна се контрадикторни. Османи потврди дека се разговара за овие предлози и рече дека некои од нив се прифатливи, што мислам дека не е мудро, ниту дозволиво. Ценам дека голем проблем е и недостатокот на информациите од наша страна. Кои се тие предлози, кој ги дал, дали се во рамките на португалскиот предлог, дали се наши...”

Ристевска порачува дека она што е поважно, е да се зајакне внатрешниот дијалог по ова прашање кое е од витален национален интерес. Дури тогаш, вели таа, треба да продолжи дијалогот Скопје – Софија.

За нејзиниот колега од Софија, пак, нема дилеми. Бугарија бара гаранции токму по овие прашања. Ниту македонскиот јазик, ниту нација се проблем за бугарската држава, но проблем е јавното мислење наметнато од владата на Борисов, бидејќи 85 отсто од граѓаните го поддржуваат бугарското вето.

Она во што се согласуваат аналитичарите, за разлика од тврдењата на Пендаровски, е дека отсуството на политичка влада во Софија е проблем за отстранување на ветото. Она што е потребно, велат, е само политичка волја во Бугарија.