Фудбал
4. јуни 2017 - 9:06

Штипјани му подигнаа споменик на Шекуларац

На легендарниот фудбалер на Црвена звезда Драгослав Шекуларац во сабота во родниот Штип му беше подигнат споменик.
 
На настанот присуствуваа многу поранешни фудбалери на Црвена звезда, а пријателски меч беше одигран меѓу ветераните на Брегалница и на белградскиот тим.
 
Пред присутните најпрво се обрати Бошко Ѓуровски, а потоа Шекуларац.
 
„Не сум голем говорник како Бошко, бидејќи паметни ми беа нозете. Морам да му се заблагодарам на градоначалникот на Штип, како и на сите штипјани бидејќи дозволија да ми се направи споменик… И да знаете дека и денеска се чувствувам како штипјанец“, рече Шекуларац.
 
Драгослав Шекуларац се смета за еден од најдобрите дриблери во историјата на југословенскиот фудбал и Црвена звезда. Дебитираше во 1955 година, а за 11 години во клубот одигра 470 натпревари, освои седум титули првак и пет трофеи во Купот.