Македонија
22. March 2019 - 15:45

Штипјани го слават Четр’се

Штипјани денеска  го слават празникот Свети 40 маченици и доаѓањето на пролетта со искачување на тврдината Исар. Река од деца, млади и возрасни луѓе се искачуваат кон тврдината негувајќи ја неколку вековната традиција. Овој македонски обичај, кај штипјани попознат како Четр’се е првиот кој на Балканот се најде на листата на УНЕСКО за светско културно нематеријално наследство и тоа токму поради фактот што претставува жива традиција, која се пренесува од колено на колено.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска беше дел од низата на активности, коишто општината ги реализираше во Домот на млади и во штипската Библиотека, каде што младите твореа, а учениците во своите училишта имаа организирани еко акции и чистење на дворовите.

-Имаме убав ден и нашиот град мора да ги продолжува и да ги негува овие вредности, вели Бочварски.

Етнологот во Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип, Славко Горгиев вели дека традицијата е поврзана со бројот 40.

-Според обичајот, врвот на  Исарот се фрлаат 39 каменчиња кон клусурата на реката  Брегалница, а 40-тото се носи дома и се става под перница, за да се сони идниот брачен другар. На слегување од тврдината, се поздравува со 39 минувачи, а а четириесеттиот треба се бакне, вели Горгиев.

Жителите на Исарското маало пречекуваат гости, домаќинките  приготвуваат 40 мекици или како што штипјани ги нарекуваат тиганици. И воопшто се е во знакот на бројот 40, па оние кој што „верно се држат“ до традицијата, испиваат и по 40 чашки ракија. Горгиев вели дека револуционерот Ѓорче Петров додека учителствувал во штипско Ново Село ја има опишано традицијата на тврдината Исар, којашто со векови не е променета, а штипјани верно се држат на традицијата.