Македонија
17. October 2019 - 16:48

Седумвековниот даб кај кочанското село Бели прогласен за природна реткост

Позитивна завршница доби иницијативата на Општина Кочани за прогласување за природна реткост на дабот благун во селото Бели, со што тој ќе се спаси од пропаѓање.

Со решение на Министерството за животна средина и просторно планирање, три нови локалитети во источниот регион на државата се прогласени за природна реткост, а меѓу нив е и дабот кај манастирот „Св.Илија“ во Бели. Со тоа мрежата на заштитени подрачја во Брегалничкиот регион се проширува и се развива.

-Заштитата на дабот во Бели како природна реткост понатаму ќе ја спроведува Општина Кочани, со заштитно-конзерваторски мерки, научни истражувања и континуиран мониторинг за здравствената состојба на дрвото. Исто така, ќе се спроведува едукација на локалното население за потребата од заштита и зачувување на природната реткост и негова промоција како туристичка дестинација пред домашната и меѓународната јавност, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според Илијев, за активностите за заштита ќе се бара поддршка од Програмата за заштита на природата и од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Се проценува дека дабот во Бели е стар близу седум века, а пред седум години беше сериозно оштетен од пожар предизвикан од гром. И покрај тогашните процени на стручни лица дека дрвото нема да го преживее оштетувањето, тоа се уште е живо и останува своевиден споменик за историјата на селото.

Покрај дабот благун, за природни реткости од Брегалничкиот регион се прогласени и црната дудинка во селото Лесново и карактеристичниот геолошки профил во селото Ѕвегор.

Дабот од Бели и дудинката од Лесново се најстари примероци од овие дрвенести видови кај нас и меѓу најстарите дрвја во државата, а профилот во Ѕвегор е едно од најзначајните палеонтолошки наоѓалишта за пикермиската фауна во Европа.