Македонија
7. October 2016 - 8:48

Седници на три собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.

Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да ги утврдат Предлогот за избор на член на Судскиот совет на Република Македонија, Предлог-одлуката за именување на претседател, заменик претседател и заменик член на Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, Предлог-одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев", Предлог-одлуката за именување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и Предлог-одлуката за разрешување и именување на членови на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка во второ читање.

Пред членовите на Законодавно-правната комисија се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител, Предлог-законот за изменување на Законот за минерални суровини, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, сите по скратена постапка  во второ читање.