Македонија
4. March 2024 - 12:21

Се повеќе млади страдаат од спондилоза

Спондилозата најчесто се јавува заради неправилна положба и долготрајно седење, намалена физичка активност, се почеста употреба на клима уреди кои директно се насочени кон телото, како и поради нормалниот процес на стареење. Но, ако порано спондилозата беше карактеристична за лица постари од 40 години, новиот начин на живот ја спушта возрасната граница, па вратна спондилоза се јавува кај се помлади лица.

- При појава на спондилозни промени на ’рбетен столб, се јавуваат болки, зависно од тоа дали е во вратен или лумбален сегмент на ’рбет, долж раце и нозе. Исто така, се јавуваат парестези, чувства на мравирања и фасцикулација на самите мускули, изјави д-р Билјана Ангеловска-Милановски, специјалист физиотерапевт, КБ-Штип

При поставување на дијагнозата од страна на ортопед или невролог, се прават рендгенски испитувања или компјутерска томографија и врз база на добиените резултати се прави план за третман. Покрај конзервативниот пристап, со физикална терапија и рехабилитација, во штипска клиничка се применува и алтернативна техника.

- Техника на „гваша“ , односно, вид на масажна техника на кинеската медицина, преку која со самото таканаречено гребење на кожата се постигнува подобрување на циркулацијата, еден петехијален изглед на самото место каде што се врши, а со тоа се подобрува дотокот на крв и оксигинација на самите мускули, а со тоа се намалува и болката – додава д-р Ангеловска-Милановски.

Спондилозата не се лечи, туку се третира. Процесот на стареење на зглобните површини не може да се запре целосно, меѓутоа може да се успори, а симптомите да се редуцираат.