Македонија
2. March 2024 - 17:05

Се пополнува избирачкото ливче- петмина кандидати ги собраа потребните потписи

На една недела до завршувањето на рокот за собирање потписи, се поставуваат контурите на избирачкото ливче. Досега 5 кандидати и официјално собраа по 10 илјади потписи со што влегуваат во трка за нов шеф на државата. На Османи, Таравари, Ванковска, Димитриевски и Јакимовски до 8ми март се очекува да им се придружат и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и на СДСМ Стево Пендаровски, кои почнуваат со собирање потписи по партиските конгреси викендов.

Со ова се интензивираат и меѓусебните обвинувања за тоа што и колку сработеле партиите. Од владејачката СДСМ реагираат дека она што го нуди ВМРО-ДПМНЕ е враќање во минатото. За нив со Пендаровски, СДСМ е единствената опција која нуди надеж и продолжување на напредокот по вистинскиот пат. 

Во албанскиот политички блок, силите ќе ги одмеруваат Османи и Таравари кои себеси се гледаат како решение кое обединува. Откако ги собраа потребните граѓански потписи и преминаа во следната фаза, од опозициската албанска коалиција „Вреди“ преку промотивен митинг во Гостивар ќе ја презентираат визјата на Таравари како претседателски кандидат. 

Дел од останатите 6-мина кои пријавија дека ќе собираат потписи за претседателска кандидатура имаат околу 1000 потписи, а дел од нив се и без ниту еден потпис.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.