Македонија
27. January 2021 - 12:36

Се подобрува македонската ковид слика

Над два пати помалку починати, двојно помалку заразени. Статистичките податоци на Институтот за јавно здравје покажуваат значително подобрување на македонската корона слика.

Од почетокот на годинава заклучно со 25 јануари во просек дневно се дијагностицирале 313 нови позитивни на ковид што е над двојно помалку од 692 колку што изнесува декемврискиот просек односно 1010 колку што беше ноемврискиот. Вкупно, од почетокот на годината се дијагностицирани 7832 нови случаи што е близу 4 пати помалку од над 30.000 случаи во ноември и 21451 колку што беа дијагностицирани во декември.

Значително се намалил и бројот на починати. Ако во ноември во просек секој ден од ковид последици се регистрирале по 25,6 починати, оваа бројка паднала на 24 дневно во декември, додека во јануари се намалила на нешто под 12 починати пациенти на ден.

Значително се намалило и тестирањето овој месец.

Ако во ноември дневно во просек се тестирале по 2781 лице, бројката во декември паднала на 2166 тестови дневно, за сега во првите 25 дена на јануари да се спушти на 1732 тестирања дневно. Вкупно во јануари се направени 43301 тест од кои нешто помалку од 25.000 или 57% ги спровело јавното здравство додека останатите 43% граѓаните сами си ги платиле на приватно.

Очекувано паѓа и процентот на позитивни случаи од бројот на спроведени тестови. Ако во ноември над 36% од тестираните биле позитивни, бројката се спуштила на 32% во декември за сега во јануари дополнително да падне на 18,1% позитивни случаи од вкупниот број на спроведени тестови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 91161, бројката на т.н оздравени пациенти е 79621, на починати е 2812, а бројот на активни случаи изнесува 8728.