Македонија
4. October 2016 - 16:12

Се изработува студија за проектот „Вардарска Долина“

АД „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) склучи договор со швајцарската консултантска компанија АФ Консалт во износ од 88.626 евра за изработка на нацрт физибилити студија за енергетскиот проект „Вардарска Долина“. Студијата ќе ја изработува стручен тим на АФ Консалт во наредните девет месеци, по што ќе бидат утврдени идните правци и активности за натамошна реализација на проектот.

Основна задача на студијата, информираат од ЕЛЕМ, е да се определат можните варијанти за оптимално хидроенергетско ползување на водниот потенцијал на реката Вардар.

- При усвојувањето на решението за изградба на хидросистемот „Вардарска Долина“ истовремено ќе се оптимизираат и целосно ќе се ажурираат податоците што се однесуваат на конфигурацијата на целиот систем, потоа, параметрите за објектите кои го сочинуваат проектот, но и варијантите за управување со системот. Во првата фаза на студијата ќе се анализира и ќе се потврди изводливоста на системот од економски, функционален, енергетски, социолошки и еколошки аспект, соопшти ЕЛЕМ.

Оттаму прецизираат дека проектот предвидува изградба на 12 хидроелектрани по течението на Вардар, од Скопје до границата со Грција, во должина од 200 километри. Од нив најголеми се: ХЕЦ Велес со производство од 300 милиони киловат часови годишно и ХЕ Градец со 257 милиони киловат часови. Останатите, помали хидроелектрани се каскадно распоредени по течението на реката, со предвидено производство од 60 до 130 милиони киловат часови, во зависност од локацијата и протокот на вода.

- Реализацијата на овој проект ќе донесе значајни придобивки во однос на зголемување на домашното производство на електрична енергија, зголемување на уделот на обновливи извори на енергија, намалување на емисиите на јаглерод диоксид, потоа намалување на употребата на фосилни горива, и значително подобрување на системот за заштита од поплави по течението на Вардар со регулација на речното корито, велат од ЕЛЕМ.

АФ Консалт со седиште во Баден, Швајцарија е основана во 1895 година и една од најпознатите светски компании како дел од големата АФ групација со седиште во Стокхолм, Шведска, кои нудат консултантски услуги од областа на енергетиката, индустријата, инфраструктурата и технологиите за животна средина. Нејзиното портфолио обезбедува услуги за проекти од областа на термоенергијата, хидроенергијата, нуклеарната енергија, развојот на мали хидроелектрани, биомаса, соларна и ветерна енергија и други видови енергија. Важи за една од најголемите консултантски компании и во моментов работи на повеќе од 1.500 проекти во енергетскиот сектор, во преку 80 земји. Компанијата има над 7.000 вработени, а со свои канцеларии работи во повеќе од 25 држави.