Македонија
2. February 2021 - 12:41

Се чека екстрадиција на Игор Спасов од Бугарија

По речиси година и половина во бегство, поранешниот полициски специјалец Игор Спасов вчера падна во рацете на бугарската полиција. Се криел во стан на некоја жена во населбата Младост во Софија.

Бугарската полиција добила дојава по што интервенирала веднаш и го привела во попладневните часови. Спасов не давал отпор при апсењето. Информацијата вчера попладне ја добила и македонската полиција која по Спасов распиша меѓународна потерница во октомври 2019 година.

Игор Спасов беше осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски. Во затвор треба да помине уште повеќе од 7 години. МВР го смета за бегалец од средината на октомври 2019 година кога не се врати во затворот во Штип откако претходно повеќе од една година беше на слобода поради медицински третмани.

Спасов сега е во екстрадициски притвор во Софија. За да биде донесен во Македонија ќе треба Министерството за правда да подготви соодветна документација и официјално да ја побара неговата екстрадиција.