Македонија
25. January 2021 - 9:28

СДСМ: Создаваме услови за квалитетно образование како основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина

 

Образованието, како клучна алка за градење на иднината и јакнење на нашата држава, за СДСМ претставува врвен приоритет и во услови на светска пандемија, која наметна целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање на решенија за непречена настава и квалитетно образование.

И во овие сложени услови на пандемија е овозможено образовниот процес да тече со непречена настава со комбинираниот модел: настава со физичко присуство, онлајн и со емитување часови на телевизија, а истовремено остануваме посветени и вложуваме во подобри услови и во нови образовни програми.

Владата оваа година издвои околу 1 милијарда денари за капитални инвестиции – што е за два и пол пати повеќе во споредба со минатата година. Со овие средства ќе овозможиме поквалитетен образовен процес за околу 100.000 ученици, студенти и наставен кадар.

Инвестирањето во современа образовна инфраструктура оди паралелно со интензивната дебата за реформите на образовните програми кои следат, за да го напуштиме стариот начин на учење “на памет” и да преминеме на образование кое создава граѓани што размислуваат критички и логички и носат заклучоци врз основа на факти, докази и анализи.

Новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата, неопходна откако по 11 години режимско владеење ВМРО-ДПМНЕ го донесе образованието на дното во Европа, наставниот кадар беше понижуван, а врз учениците се вршеа експерименти преку погубни политики и таканаречени реформи.

За разлика од опозицијата, која работи спротивно на интересите на граѓаните, учениците и наставниците, СДСМ континуирано вложува во наставниот кадар, во објектите на училиштата, се грижи за учениците и студентите.

За само три години платите во основното и средното образование ги зголемивме за над 2.100 денари, а во високото образование за над 3.200 денари. За првпат воведуваме кариерен развој. Наставниците во основното образование имаат можност да станат наставници ментори и наставници советници со што, професионално ќе се издигнуваат ќе добијат и финансиски бенефит.

СДСМ како партија која се грижи за граѓаните и за напредокот на државата, создава услови за квалитетно образование во државата, како основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ