Македонија
7. March 2017 - 13:58

СДСМ со осуда за инцидентот со Музејот на албанската азбука

СДСМ денеска го осуди инцидентот во Битола, во кој се фрлени молотови коктели кон Музејот на албанската азбука и ги повика надлежните органи во најбрзо време да го расветлат случајот. 

Во соопштението СДСМ обвинува дека насилството и омразата се потикнати лично од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поддржани од претседателот Ѓорге Иванов и оти тие водат кон штетни и опасни последици по граѓаните и земјата. 

Мнозинството граѓани на изборите на 11 декември се изјаснија против политиките на поделби, изолација, омраза и нетрпеливост на досегашната власт и избраа заеднички живот во едно општество за сите. Оттаму, сценаријата што имаат да предизвикаат конфликт и судир помеѓу граѓаните и да ја продлабочат политичката криза во Македонија - нема да успеат, посочуваат од СДСМ. 

СДСМ ги повика граѓаните да останат смирени и да не потпаѓаат на провокации.