Македонија
3. August 2018 - 16:40

СДСМ го обвини претседателот Иванов дека поттикнал говор на омраза

Министерството за одбрана ќе покрене постапка против војник кој учествуваше во вчерашниот инцидент на прославата на празникот Илинден во Крушево, кога поединци фрлаа со предмети кон присутните делегации, а беше употребен и говор на омраза.

Од Министерството соопштија дека ќе биде формирана Комисија, со цел утврдување одговорност против професионалниот војник Мартин Богоевски, кој е препознаен на видео снимка од инцидентот на Мечкин Камен. Со цел да се добие увид во ситуацијата и во заднината на случувањата, професионалниот војник денеска бил повикан на распит во Воената полиција, при што негирал дека учествувал во инцидентот.

Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека интензивно се работи на случајот. Велат дека во текот на денот се идентификуваат и се приведуваат на информативен разговор во полициските станици лицата кои учествувале во инцидентот.

Недоличното однесување на дел од учесниците на прославата на Мечкин Камен го осуди и официјална Тирана, од каде остро ја осудуваат „употребата на јазикот на омраза и антиалбанските расистички извикувања“.

Веруваме дека ова е однесување на една мала група луѓе поттикнати од екстремни националистички чувства и се надеваме дека таквите инциденти кои вклучуваат етничка омраза ќе останат изолирани. Министертвото за Европа и надворешни работи на Албанија ги повикува одговорните институции да спроведат истрага против поттикнувачите на насилство и да ги изведе пред лицето на правдата, се вели во реакцијата на Министертвото, во кое се додава дека Албанија и Албанците се и ќе бидат постојано пријатели на Македонија.

Од кабинетот на претседалот Иванов изразија жалење што владината делегацијата беше исвиркана на одбележувањето на Илинден, но сметаат дека тоа на ниту еден начин не било предизвикано од неговите пораки.

Владата на Република Македонија треба самата да се запраша зошто македонскиот народ на тој начин реагира кон владините претставници и да преземе одговорност зошто народот е поделен и шири говор на омраза кон државните институции и неистомислениците, се вели во реакцијата на кабинетот на Иванов.

Од владејачката СДСМ, пак, обвинуваат дека вчерашниот ден уште еднаш покажал дека преседателот Иванов се води од лични и теснопартиски, а не од интересите на граѓаните и државата.

Од СДСМ велат дека вчерашниот голем празник покажал дека кој всушност е за иднината, а кој ја влече Македонија назад кон темното минато.