Македонија
4. February 2025 - 16:39

Само 15 инспектори во војна за здрава животна средина

Немаме доволно инспектори. Вакво добредојде имала првата жена на Инспекторатот за животна средина. И по пет месеци откако е директорка, ситуацијата не е променета.  Само 15 инспектори во цела Македонија војуваат со оние кои не работат согласно прописите и законите. 

Инспекторите следниот месец, ќе крпат уште едно место. Единствениот државен инспектор во Битола, заминува да ги ужива пензионерските денови. Градот покрај кој се наоѓа РЕК Битола, останува без инспектор за животна средина. 

Ако се појави хаварија на две различни места во Македонија истовремено, вонреден надзор на двете места во исто време, во пракса е невозможно да се реализира, со оглед на фактот дека за квалитетен надзор потребни се пет до шест часа. Професијата инспектор очигледно не е атрактивна за младите, нотираат службите. Во 2024 година, имале обид да вработат нов кадар, ама Финансии не им го одобриле барањето. 

Инспекторите се пуштаат во акција кога ќе добијат претставка, или кога граѓаните ќе им се јават дека некој потенцијално го загадува воздухот. Согласно акцискиот план за 2024-2025, ресорното министерство ги задолжи инспекциските служби да ги засилат надзорите таму каде што е најзагадено. Скопје прв на врв во светот по загаденост беше повеќепати, а европската титула ја држевме со денови. Од загаден воздух не беше поштедена ни Струмица, граѓаните и таму маршираа за чист воздух. 

Акциски план за справување со загадениот воздух треба да има и секоја општина во Македонија. Министерството ги задолжи општините да си создадат план за справување, но според информации на Сител само четири до пет општини во реалноста имаат ваков план. За истиот да има добра имплементација, потребни се инспектори во локалните самоуправи, кои пак ги има само во 45% од општините.

И додека се распреплетуваат или пак заплетуваат институционалните пајажини за тоа кој кое ѓубре треба да го собира, во најава е формирање на Национално тело кое во пракса треба да ги спои локалните инспектори, со државните. 

Честопати државниот врв знае да каже, дека животната средина е меѓу владините приоритети. Но, дали е тоа навистина така кога секоја зима чистиот воздух станува луксуз?