Филков ја разреши Даниела Алексовска Стојановска од работната група за измените во Кривичниот законик
Првиот човек на правда ги повика сите судови и Судскиот совет да го преиспитаат целиот случај со смртта на 22-годишната Фросина Кулакова. Воедно, Филков ја разреши од членство, судијката Даниела Алексовска Стојановска која беше дел од работната група за измените на Кривичниот законик, формирана во декември 2020 година. Министерот вели дека ова го направил, за да не се дискредитира процесот што е започнат за реформите во правосудството.
Судијката пак, која му пресуди на 20-годишниот возач Васил Јованов да оди во Поправен дом, откако претходно бил фатен со дрога, денеска беше присутна на сесијата на работната група за независно правосудство, во организација на Европското движење.
На истиот настан беше присутен и претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски кој кажа дека не треба да се носат избрзани одлуки, ќе ги сумира фактите, па потоа ќе соопштат што ќе преземат.
Директорката на Академијата на судии и јавни обвинители за судијката Даниела Алексовска-Стојановска кажа дека ја познава лично и дека била професионалец во работата.
Меѓутоа, Камбовски и Трајкоска Стрезоски ги судрија ставовите по однос на тоа, дали треба да се зголемат затворските казни за возачите кои усмртуваат пешаци. Камбовски е дециден дека драконските казни нема да ни го решат проблемот, додека директорката на Академијата смета дека треба да се заострат.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар