Македонија
2. May 2018 - 17:41

Салмонела пронајдена во мострите од храната од „Гицов“ Кочани

 Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од лабораториските испитувања на земените мостри храна при извршениот инспекциски надзор од страна на Агенцијата и Државниот здравствен и санитарен инспекторат во објектот на компанијата ДПТУ „Гицов“ ДООЕЛ Кочани, која подготвувала и доставила храна - пирошки во ресторанот во Штип каде пред десеттина дена беа затруени дваесеттина лица.

Во земените мостри утврдено е присуство на бактеријата Salmonella Enteritidis и зголемен број бактерии на Enterobakteriacea, кои се сметаат за извор на заразата, соопшти АХВ.

По извршената инспекциска контрола во објектот на компанијата ДПТУ „Гицов“ ДООЕЛ Кочани, утврдено е дека истата не е регистрирана, односно дека е одјавена во Агенцијата за храна и ветеринарство како оператор со храна. Со контролата таму биле најдени стотина килограми претходно подготвени и замрзнати пирошки и смеса за нивна подготовка, која по налог на инспекторите ќе биде уништена.

Објектот за производство од страна на инспекторите е затворен на 25 април 2018 година.

По појавата на нови случаи на труење со храна во Кочани викендов, досегашната истрага на инспекциските служби упатува на истиот извор на заразата, иако во епидемиолошката анкета, затруените лица не посочуваат објект од каде што е набавена храната предизвикувач на заболувањето. Од страна на инспекциските служби на Агенцијата и Санитарната инспекција се прават напори за утврдување на потеклото на небезбедната храна и нејзино поништување, додава АХВ.

Агенцијата апелира со цел расветлување на случајот и заштита на здравјето, граѓаните кои набавиле храна од лица поврзани со оваа компанија, истата да не ја конзумираат.

- Доколку имаат сознанија за потеклото на вака нелегално дистрибуирана небезбедна храна поврзана со горенаведениот извор на заразата, истото, со точни податоци, да го пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, електронски на info@fva.gov.mk или во Државниот здравствен и санитарен инспекторат на бесплатната телефонска линија 0800 2 55 55, се наведува во соопштението.

По утврдување на сите факти и завршување на постапката, против одговорните лица во оваа компанија ќе бидат преземени соодветни законски мерки.