Свет
15. April 2019 - 10:40

САД почнуваат трговски разговори и со Јапонија

Претставници на Јапонија и САД се собираат  денеска и утре во Вашингтон на трговски разговори со надеж дека брзо ќе решат дел од нивните спорови.

Претседателот на САД, Доналд Трамп тврди дека трговијата со Јапонија не е балансирана и инсистира Токио да го отвори повеќе пазарот за американските стоки и најмногу за земјоделски производи.

Во 2018 година САД имаа трговски дефицит од 67,62 милијарди долари (без услужниот сектор) со Јапонија, која е голем трговски партнер. Билатералната трговија помеѓу Вашингтон и Токио изнесува над 280 милијарди долари, според канцеларијата на Постојаниот трговски претставник.

Постојаниот трговски претставник Роберт Лајтхајзер  кој во октомври најави својата намера за договори  за слободна трговија со Јапонија, денеска повторно ќе седне на преговарачка маса со министерот задолжен за економскиот развој на Јапонија, Тошимицу Мотеги.