Рикер во Битола на средба со градоначалничката Петровска
Помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија и поранешен американски амбасадор во земјава, Филип Рикер денеска ја посети Општина Битола каде имаше средба со градоначалничката Наташа Петровска. Рикер го истакна своето задоволство што повторно е во Битола, а на новинарите им се обрати на македонски јазик.
Високиот американски функционер беше придружуван од американската амбасадорка, Кејти Мари Брнс за која ова беше прва официјална посета на Битола.
Изјави за медиумите немаше, беше дозволено само фотографирање и снимање инсерти. Од општината преку соопштение информираа за што се разговараше на средбата.
Во него стои дека на средбата со градоначалничката Наташа Петровска, тие разговараа за актуелната состојба во градот и државата, осврнувајќи се на одличната соработка која ја има Битола со американската амбасада. Битола е градот кој има стратешка позиција и во економскиот и во политичкиот живот во земјава, истакнал на средбата вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер.
Градоначалничката Петровска ги посочи заложбите за натамошна соработка и се заблагодари на поддршката која Битола секогаш ја добива од страна на САД, како што е и случајот со оваа посета.
Дел од висока делегацијата од САД беа и специјалниот асистент на амбасадорот Рикер, Лахлин Сопер, како и шефот од политичко-економскиот оддел, Шенон Рунион.
Филип Рикер во Битола дојде од Грција каде деновиве имаше неколку средби со грчките политичари. Од Битола замина за Скопје, каде во текот на утрешниот ден ќе се сретне со државниот врв и претставниците од политичките партии во земјава.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
