Македонија
12. February 2024 - 18:41

Револт кај возачите во Прилеп

Граѓаните се крајно револтирани на одлуката на МВР која беше соопштена вчера попладнето дека од утре возачките дозволи кои не го содржат името Република Северна Македонија нема да важат ниту внатре во државата. Велат дека немаат слушнато нешто поапсурдно, затоа што со оваа одлука ќе се закочи целата држава, а најпогодени се оние на кои возењето им е основна дејност.

„Глупост, не може ова вака. Кога да ја сменам возачката кога има огромни гужви. Сега јас од утре ќе продолжам да си возам, што да правам, да не треба да ја оставам колата“, вели еден такси возач од Прилеп.

„Мислам дека е време за една колективна тужба и кон МВР, и кон СВР, и Свети СДСМ и Света ВМРО и цела Влада, конечно на народов да му дојди од извесно место до главата. Лично сметам дека ова е нон сенс и дека за ова нема ниту едно логично, ниту правно образложение“, рече друг граѓанин.

Денеска имаше огромни гужви и во станиците за технички преглед каде на граѓаните им се лепеа налепници со ознаката НМК. И тука возачите кои чекаа во долги редици револтирано ги коментираа овие најнови одлуки кои ги погодија сите.

„Налет тоа и за возачките и за сообраќајните дозволи кажаа вчера дека нема да важат од утре ако нема Северна Македонија. Ќе си плаќаме казни, ќе се полни оваа држава. Кога е мирен народот, кога ќути, арно ни прават“, истакна друг граѓанин.

„До толку ја дотераа работата можи некој ден да ни речат дека не важиме и ние дека и нас ни истекол рокот. Ова е срамота“, додаде друг револтиран граѓанин.

„Значи немам коментар, како може да не важе во државата, зошто да се малтретира народот. Како што ќе си доаѓаат со ред така нека се сменуваат. Не можи тоа да се реши преку ноќ“, рече трет граѓанин.

Инаку денеска и власта и опозицијата на еден ден пред истекот на законскиот рок според Преспанскиот договор поднесоа предлози во Собранието да се изменат законите за патна исправа и за безбедност во сообраќајот, со цел да се продолжи рокот на важење на пасошите и возачките дозволи на кои стои старото уставно име Република Македонија. Како ќе се реши оваа комплексна ситуација останува да видиме деновиве.