Македонија
3. December 2015 - 17:36

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за лицата со попреченост

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение попладнево реагираше на СДСМ која денеска оцени дека лицата со попреченост се уште се соочуваат со многу бариери во секојдневниот живот и обвини дека од јуни годинава не им се исплатени средствата на фирмите коишто вработуваат инвалидни лица. 

- Од 2006 до 2015 за субвенционирано вработување на лица со инвалидност потрошени се 960.411.700 денари. Досега се дадени 2.260.798.019 денари за поврат на придонеси за заштитни организации. За во 2016 за истата ставка се предвидени 420 милиони денари. Од 2012 година е воведено правото на додаток за слепило за потполно слепи лица односно лица кај кои што постои оштетување на видот од 98 проценти до 100 проценти, со навршени 26 години. Воведено е и право на додаток за мобилност за лица со 100 отсто телесен инвалидитет кои самостојно користат инвалидска количка со навршени 26 години и лица со квадриплегија или со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој кои користат инвалидска количка со придружник. Воведено е право на паричен додаток за потполно глувите лица. Зголемен е посебниот додаток за самохрани родители и материјално необезбедени родители на деца со пречки во развојот. Воведен е посебен додаток за сите деца со Даунов синдром, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека се отворени и дневни центри за лицата со аутизам и за децата со оштетен вид, како и за лицата со интелектуална попреченост. Се спроведува и проектот 400 аудио книги за слепи лица, обуки за знаковен јазик, а започната е изградба на дактилни патеки кои значително ќе им го олеснат движењето по фреквентните места......

Во реакцијата се посочува дека од почетокот на 2016 година ќе се воведе можност за рефундирање на средства (ослободување од данок и царински давачки) за набавка на патнички автомобил за сопствени потреби од страна на лицата со најмалку 80 отсто инвалидитет на долните екстремитети или карлица, како и за потполно слепите лица со придружник.