Македонија
12. January 2020 - 16:40

Радовиш и Сандански со заеднички проект за превенција на катастрофи

Радовиш и Сандански со заеднички мерки ќе се борат против елементарните непогоди. Целта е превенција и намалување  на последиците од евентуалните катастрофи, пред се поплавите кои во последните 20 години се честа појава во овој регион. Еден од главните зафати на проектот е уредување на дел од коритото на река Сушица која само во последните десетина години се има излеано три пати, а во 2009 однесе и еден човечки живот.

Со проектот е планирано регулација на околу 630 метри од речното корито на реката Сушица. Од општина Радовиш сметаат дека овие зафати ќе значат многу не  само за нивната општина, туку и за целиот струмички регион во кој се сливаат надојдените води.

Проектот ќе се реализира во наредните две години. Еден дел од активностите е насочен кон подигањето на свеста за климатските промени и последиците од нив.

Проектот е финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија. Проектот е вреден близу 588 илјади евра. Со свој дел од околу 192 000 евра учествува и општина Радовиш.

Вкупната вредност на проектот изнесува 587.931,97 евра, од кои ко-финансирањето од општина Радовиш изнесува 191.636,00 евра, а останатите средства се обезбедени од Европската Унија и Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија.