Балкан
29. August 2022 - 12:26

Радев: Терминалот во Александрополис е од особено значење за продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу Бугарија и Грција

Бугарскиот претседател Румен Радев, на денешната средба со претставници на менаџментот на грчките компании „Гастраде“ и „Копелузос Груп“, разговарал за можностите за зголемување на количествата на природен гас што неговата земја ќе ги добива од Грција, преку терминалот во градот Александрополис, јавува дописникот на МИА од Софија.    

Според Радев, во заднината на продлабочената криза во снабдувањето со гас, за Бугарија е исклучително важно терминалот во Александрополис да биде завршен навреме. Ова беше втор состанок во последната година, што е доволно јасен сигнал за важноста на терминалот за течен гас во изградба во Александрополис.

Бугарија е акционер во терминалот со 20 отсто и има резервиран капацитет за следните 10 години. Според Радев, овој проект е од клучно значење не само за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу Бугарија и Грција, туку и од особена важност за гарантирање на економската стабилност на Балканот, во Централна и Источна Европа, преку постигнување вистинска диверзификација, безбедност на испораките и конкуренцијата.

Радев посочи дека за да се постигне тоа потребно е терминалот да биде приклучен и на интерконекторот меѓу Бугарија и Грција, што од 1 октомври треба да ги поврзе двете соседни земји. На средбата присуствуваат и шефовите на компаниите од двете земји за трговија со гас и изградба на гасоводи, како и вршителот на должноста премиер Галаб Донев и министерот за енергетика Росен Христов.