Бизнис
31. January 2017 - 20:15

Работниците од Југохром два часа го блокираа патот Скопје – Тетово

Вработените од Југохром излегоа на протест. Преку блокада на регионалниот пат Скопје Тетово побараа од државата да ја укине забраната за работа која вчера инспекторите им ја продолжија за дополнителни 90 дена. Од Синдикатот велат дека без производство, не можат да обезбедат банкарска гаранција со која ќе можат да ја потврдат намерата дека ќе изградат систем за отпрашување. Вработените револтирани и исплашени за својата егзистенција бараат итно решение, после вчерашната изјава на раководството дека ќе има отпуштања.

Воздухот во Тетово и понатаму е загаден иако Југохром не работи, поради што од синдикатот сметаат дека одлуката има политичка позадина.  Второстепената комсисија сеуште се нема изјаснето по жалбата и барањето за продолжување на рокот за воведување не системот за отпрашување.

-Сакаме да испратиме некоја порака кај некои луѓе, кои имаат болни политички амбиции, а се кријат зад некои невладини организации, божем се грижат за чист воздух во Тетово. Иако „Југохром“ не работи сега, Тетово пак е загадено. Ако некој сака да прави политичка кариера, нека ги тргне рацете од „Југохром“

-Овде е проблем политичката криза и робувањето  на одредени параграфи во некои закони кои формално се користат да се затвори Југохром а во меѓувреме сите сме свесни дека не се дише почист воздух отколку кога не работеше Југохром.

По протестот се огласи невладината Еко Герила од Тетово. Тие велат дека откако Југохром не работи воздухот е значително почист.

Инаку поставувањето на филтрите за прочистување го чини комбинатот околу 12 милиони евра.

Над 700 вработени во Југохром се соочуваат со ризик од утре да останат без работа. Од раководството велат дека немаат повеќе средства да им исплаќаат плати. Иако комбинатот не работи од 1ви ноември  досега работниците имаа редовни примања.