Македонија
28. October 2024 - 16:36

Работна група на ЗЕЛС ќе посредува со Владата за Струмица и Карпош да не ја напуштаат организацијата

Работна група на ЗЕЛС на состанок со транспорт и образование ќе ја смирува топката за несогласувањата што Карпош ги има со овие министерства, за да не се реализираат предупредувачките ноти на градоначалникот Јакимовски дека ќе ја напушти организацијата. По денешниот состанок, Јакимовски ја поздравува одлуката ЗЕЛС да биде во улога на медијатор, но потенцира дека ако не се смени односот на централната власт кон Карпош, ќе го напушти ЗЕЛС.

Градоначалникот на Струмица, денеска не се појави на состанокот, иако доби покана. Првиот човек на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски најави дека ќе побара средба и со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски за да се најде решение и да водата за пиење во Струмица, која е главната причина за оставката на Костадинов од Управниот одбор на ЗЕЛС. Денеска и неговиот сопартиец, Перо Костадиновски кој е потпретседател на ЗЕЛС побара да ја прифати поканата за состанок со Трипуновски.

Костадинов за Сител потврдува дека ако се договори средба, ќе присуствува на истата.

„Како што кажав, целта е да седнеме со министрите и стручни луѓе да разговараме за предизвиците со кои и досега требаше заеднички да се соочиме. Во таа смисла ако се случи да се договори средба секако, јас сум тука за решенија“.

Костадинов најави дека излегува од ЗЕЛС поради предизвиците со водата за пиење во Струмица и откако Владата му го одби проектот за финансирање на градски пазар по повикот распишан за локална самоуправа. Веднаш по него, стигнаа и најавите од градоначалникот на Карпош дека ќе ги следи стапките на струмичкиот градоначалник.