Работилница за заштита на правото на фер судење

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (TAIEX), денеска и утре во Скопје, одржува работилница за „Принципот на еднаквост на оружјата од членот 6 на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП)“.
Целта на работилницата, како што рече на отворањето директорката на АСЈО Анета Арнаудовска, е да се споделат најдобрите практики на ЕУ за тоа како ефективно да се заштити правото на фер судење, штитејќи го принципот на фер судење во кривична постапка.
На работилницата учествуват претставници од Судскиот совет, од Советот на јавни обвинители, од Врховниот суд, од Министерството за правда, од основните судови и јавни обвинителства, кои со експерти од Италија, Финска и Обединетото Кралство ќе споделат искуства за најдобрите практики на ЕУ за тоа како ефективно да се заштити правото на фер судење во кривичната постапка, насочувајќи се на еднакви процедурални можности за обвинителството и одбраната.
- Принципот на еднаквост на оружјата поаѓа од идејата за фер баланс во однос на учесниците во постапката. Овој принцип подразбира дека секој кој е странка во постапката мора да има разумна можност за претставување на својот предмет пред судот под услови коишто не го ставаат во понеповолна положба наспроти својот противник, рече Арнаудовска.
Во кривичните постапки, како што посочи, принципот на еднаквост на оружјата наметнува обврска за обвинителството и истражните власти да го откријат секој материјал, доказ кој го поседуваат или до кој би можеле да имаат пристап, а кој би можел да му помогне на обвинетиот да се ослободи од тужбата или да добие намалување на казната.
- Во случај кога на обвинетиот кој сам сака да се застапува себеси пред судот или на одбраната и се одбива пристап до материјалните докази во предметот од страна на обвинителот, или на одбраната не и се даваат копии од документите содржани во предметот, ЕСЧП има можност да утврди повреда на принципот на еднаквост на оружјата, истакна Арнаудовска.
На практичните сесии пред учесниците на работиницата судиите од Обединетото Кралство го споделуваат нивното искуство со користење на Упатствата за донесување пресуди во кривични случаи.
Судијата Патрик Томас од Обединетото Кралство меѓу другото посочи дека англиските судови дозволуваат и ги охрабруваат обвинетите да се изјаснат за виновни. Ова, како што додаде има предност за трошоците и ефикасноста, но сепак постои и ризик дека поттикнувањето на изјаснување за виновен може да резултира луѓе да се изјаснат виновни кога не се.
Свои излагања на дводневната работилница ќе имаа и Кевин Меккормак, судија во Врховниот суд во Обединетото кралство, Жанфранко Гало обвинител од Италија и Марита Пакаринен, судија во одделот за кривични постапки, Окружен суд во Хелсинки, Финска.
Ново на Сител
-

Тема на денот со Орце Симов, претседател на ИКТ комората
-

Пожарот стигна до куќите во Куклиш
-

Тутунарите бараат осигурување со договорот
-

Нема труење во Тетово - цревните инфекции доминираат во педијатриските оддели
-

Владата бара Китановиќ да го повлече ставот за Младиќ или да си поднесе оставка
-

СДСМ бара транспарентност за дата-центрите, ВМРО-ДПМНЕ уверува дека носат развој
-

„Градски воз“: За 25 минути од Зелениково до Железничка - едносмерен билет 40, повратен 70 денари
-

Успешна туристичка сезона во Дојран
