Македонија
26. December 2019 - 13:25

Пуштен во употреба мостот кој од Ваташа води кон селата под Кожуф планина

На крајот од селото Ваташа, денеска е пуштен во употреба новиот мост, што води кон повеќе села под Кожуф планина. Директорот на Јавното претпријатие  за државни патишта, Зоран Китанов нагласи дека е ова убав ден за Тиквешијата, бидејќи се пуштаат три моста.

-Ова е прв мост нов изграден после 30 години во нашата држава. Во меѓувреме, заврши рехабилитацијата,  голема реконструкција на два моста на Вардар на Пепелиште  и на железничка на Вардар и тој е пуштен,  така што навистина е убаво чувството денес да си дел од Тиквешијата, им посакувам се најубаво на граѓаните од Тиквешијата, порача Китанов.

Во Кавадарци, рече, се завршени доста проекти, влезови, патишта од Росоман и се продолжува  и наредната година,  цела држава се рехабилитира, се реконструира.

-Оваа година Јавното претпријатие за државни патишта ги сруши сите рекорди откако постои. За една година, имаме близу петстотини  километри рехабилитирани патишта, нагласи Китанов.

Градоначалникот Митко Јанчев рече дека кавадарчани, посебно тука во село Ваташа, знаат  кое е значењето на овој мост.

– Ова е долго очекуван и посакуван проект за општина Кавадарци и за село Ваташа. Мостот кој беше стар повеќе од 40 – 50 години, беше во катастрофална состојба, во многу лоша позиција поставен. Според анализите што  ги имавме, имавме годишно над 10 до 15 сообраќајки, некаде и со потешки телесни повреди, па и со настани од поголеми размери. Така што, на барање на општина Кавадарци, во слух со Јавното претпријатие за патишта и Владата на нашата држава, успеавме да изготвиме заедничко решение. Односно, јавното претпријатие  за патишта го финансира комплет овој мост што  е изграден  тука со некаде околу петстотини илјади евра, нагласи  градоначалникот.

Тој додаде дека Китанов  во овој дел ќе биде запаметен како еден од директорите кој успеа да направи во општина Кавадарци мост.

-И самиот тој кажа дека мостовите не се секојдневна работа, тешко се градат, тешко се одобруваат, така што ќе бидеме запаметени по овој мост,  што ќе биде од големо значење за фреквенцијата и движењето на луѓето. Тука знаете дека на овој дел претежно се движат тешки товарни возила од шумско стопанство, од фирмите што гравитираат кон Кожуф планина, а нормално со новата изградба на граничниот премин Пулевац,  овој мост ќе биде во функција комплетно. Така што инвестицијата е на право место, во право време, уште еднаш благодарност, нека е со среќа, да служи за убаво, нагласи Јанчев.