Македонија
9. September 2024 - 16:27

Протекува кровот на штипскиот Народен театар, а недостасува и технички кадар

Кровот на штипскиот Народен театар протекува и ја загрозува безбедноста и на актерите и на публиката. Изминативе неколку години не се вложени ниту минимални средства за нормална работа на оваа установа која е препознатлив белег на градот, но и на целиот источен регион.

- Културата е битна нишка во сечие културолошко битисување и не треба да ја оставиме на забот на времето, туку напротив, треба да иницираме работа, креативност, грижа проекти и настани. Секако и кадровските решенија, вработувањата на технички персонал со кои ќе можеме, покрај финансирањето на проектите од страна на Министерството за култура, да можеме и ние во сопствена продукција да изреализираме уште неколку проекти во текот на годината, бидејќи театарот во Штип е Истокот кој треба да го држиме, од Штип па натаму, се до границата, за да биде транспарентен и овде за сите граѓани, изјави Кристина Атанасова-Арсова , директорка на НУ„Дом на култура- Ацо Шопов“- Штип

Актерите се приморани да импровизираат, па последните 5 години сами си ги перат костимите и им помагаат на сценските работници да ја наместат сцената, зашто во истиот период 16 вработени од техничката служба заминале во пензија, а на нивно место никој не е вработен. Во Народниот театар и во Домот на културата „Ацо Шопов“ има вкупно 7 техничари, а за нормално функционирање потребно е работно да се ангажираат уште 13 лица.