Живот
5. May 2016 - 12:57

Прооде на три, рецитираше на шест месеци: Сите деца се паметни, но моето е гениj!

Никогаш не сум ги сакала оние мајки кои на цел глас ги фалат „подвизите“ на своите деца. На пример, јас никогаш не сум била таква мајка.
 
Нема потреба да го фалам својот син, иако на тримесечна возраст течно изговори „мамо“. Онака, со разбирање, разговетно, а веќе следниот месец јасно умееше да ми каже што сака, а што не сака да јаде.
 
Повеќето детски песнички убаво ги рецитираше на пет месеци, а пред првиот роденден научи да свири клавир. Ние и пред да се роди му купивме клавир. А и убаво се вклопуваше во остатокот на ентериерот. 
 
Сам го одбираше јадењето и секогаш се изедуваше од чинијата.
 
Чоколади никогаш не сакаше, а секогаш ги имавме дома. Повеќе сакаше да јаде, на пример, целер или морков за ужина.
 
Никогаш не го доев, бидејќи од раѓање инсистираше сам да го држи шишето во кое беше моето млеко, се разбира. Уредно ја испиваше количината што му ја сипав, а потоа ми го додаваше шишето со своите бебешки рачиња.
 
Мил на мајка.
 
Искрено да ви кажам, на своето дете Миша никогаш не му ставив пелени. Ниту оние еднократните, ниту памучните. Ма каков повој! Тоа веднаш го тргнав кога излеговме од родилиштето и го научив нуждата да ја заврши во нокшир. А и од нокширот брзо се ослободивме.
 
Од четвртиот месец убаво почна да јаде цврста храна. За мене и за сопругот приготвував шницли со пире од компири и салата од печени пиперки со лук, а за синот истото тоа, само што му го сечев месото. Тоа некое месо мојата свекрва ни го испрати од селото, па беше малкуа жилаво, малку подолго се џвакаше, но тој не правеше проблем.
 
Роден е со четири заби, а до петтиот месец сите му никнаа, без глас да пушти.
Никогаш не можевме да го слушнеме да заплаче, како што децата умеат. Само: „добра ноќ сине“, а тој убаво ќе си легнеше, сам ќе се покриеше и уште ќе го изгаснеше и светлото. И не му слушавме глас до наредното утро.
 
Но, јас еве, не се фалам често, единствено што на пријателките со најдобри намери им давам совет како своите деца да ги насочуваат. Секако, не мислам ниту дека сите деца ги имаат истите предиспозиции.
 
Мојот син, на пример, на возраст од неполни шест месеци прооде. Ниту сопругот ниту јас никогаш не го форсиравме, едноставно нашиот син самиот почувствува кога му е времето, а ние не го попречувавме. На седум месеци веќе убаво трчаше така што моравме патики да му купиме. Оние малку поскапите, и тие ги порачавме од странство. Мора детето да има квалитетни патики за спорт.
 
На осум месеци веќе го запишавме на атлетика. Никогаш не е рано, ако детето само ја почувствува таа потреба за физичка активност, а неговиот талент беше очигледен. Тренерот на почетокот чудно не гледаше, но кога го доведовме детето, и самиот се увери во неговите извонредни можности.
Истиот месец го запишавме и на англиски. Точно дека месечно ги плаќавме 700 евра часовите, но слушнав од пријателките дека тоа училиште е на висок глас и дека најдобро е да се почне што порано со учењето на странски јазици.
 
Нашиот Миша сега има три години, а веќе две и пол е член на Менса.
 
Мил на мајка.