Македонија
13. May 2016 - 15:47

Промовиран проект „Бренд концепт“ со книги од Сотир Костов

„Бренд концепт“ е насловен проектот со толковник и четири книги на авторот  Сотир Костов, промовиран денеска  во Младинскиот културен центар. Проектот го сочинуваат Толковник (брендинг, адвертајзинг, паблик рилејшн) и книгите „Бренд-концепти“, „Брендинг“, „360 степени  холистички брендинг“  и „Вселена на брендови“.

Во делата што Костов ги напишал во изминатите 11 години објаснува и раскажува за значењето на брендовите и ги претставува најубавите бренд приказни за најмоќните светски брендови и лидери во таа област. Книгите  од проектот, како што беше истакнато на промоцијата, се прва таква економска литература што ќе биде корисна за сите.

Костов на промоцијата  го дефинира брендот како слика во нашата свест и порача сите да се залагаат за создавање такви вредности како патоказ за натамошен успех. 

Македонија, оцени, има вредни брендови, но не знае маркетиншки да настапи  и да ги популаризира.

- Странците доаѓаат тука и за евтин и пари ги добиваат нашите рендови, а ние не знаеме да го искористиме тоа, рече Костов и најави дека со најпознатите личности од Македонија ќе направи голема енциклопедија, со цел преку приказните што ќе ги раскаже да ги заинтерсира младите за вистинските вредности  во  животот.

Важноста на негувањето на брендовите и стремењето кон нивно создавање и промоција го истакна и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, рецензент на Толковникот  на Костов. 

- Брендот е многу сериозна идентификација на која веројатно не сме посветиле големо внимание, наведе Азески, дополнувајќи дека Македонија има брендови, но оти е потребен предвидлив простор од пет-десет години  во кој бизнисмените ќе можат да се посветат на таа област. Проектот на Костов, посочи Азески, како прво конкретно пишано дело за брендотво Македонија треба да биде поттик за широка дебата за создавање и промоција на брендовите како основа за дејствување за развој.

Професор Димитар Мирчев, рецензент на книгата „Бренд концепти“ оцени дека Костов со долгогодишен труд создал проект што  нуди исклучителна аналитичност и документаристика. Неговиот пристап, посочи Мирчев, ги спојува професијата, науката и општествената практика.

Професор Кирил Темков, во осврт на книгата „Вселена на брендови“ посочи дека знакот за брендирање не може да го преземе никој туку само тие кои го имаат.

- Тоа треба да биде многу значаен производ кој се пласира насекаде и кој гарантира и ги обврзува тие кои стојат зад него да постапуваат идеално и најдобро, рече Темков.

За книгата „Брендинг“ говореше новинарот Зоран Иванов, истакнувајќи го поглавјето за брендот како  иновација.

- Мошне задоволувачко вредни се насоките во кои не упатува авторот во ова дело кога вели:  Да чекориме по брендовите како по патоказите  за нашето вредносно,  општествено, социјално и индивидуално живеење, рече Иванов, оценувајќи дека „Брендинг“ е практично докторат  на  Костов за компарации, искуства, анализи, тврдења и  спорења.

На промоцијата на книгите беше отворена изложба на уметнички дела насловена „Современа македонска графика до 60-тите години на 20-тиот век - како успешен македонски бренд“.

Сотир Костов е роден 1957 год. во Кочани. По професија е дипломиран правник (1980 година) на Правниот факулет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј‘‘ во Скопје, со положен правосуден испит (1982год.). Досега работел како заменик на Јавниот обвинител за Кочани и Виница, Општествен правобранител на самоуправувањето во Кочани, помошник на Генералниот директор на НИП „Нова Македонија‘‘ – Скопје, помошник на Генералниот директор на Дирекцијата (Управата) за цивилна  воздушна  пловидба, раководител на Секторот за безбедност и воздухопловни стандарди и раководител на Секторот за план и развој при Агенцијата за воздушна пловидба и  раководител на одделението за човекови ресурси во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздушната навигација М-НАВ, Скопје.

Сега е претседател на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти на Република Македонија.

Публицист, есеист, колумнист, и политички аналитичар, кој објавувал во дневните весници „Вечер“, „Време“ и „Дневник“ и списанијата „Дело“, „Форум“ и „Република“.

 Автор е на книгите: „Изборни кампањи“, „Локални избори 2005“, „Лаги во политиката“, „Политички комуникации“, „Како да победиме на избори“, „Нов јавен менаџмент“, „Гласај лично и сам“, „Толковник(брендинг, адвертајзинг, паблик рилејшн)“ и „Бренд-концепти“.