Промоција на книги од Искра Чоловиќ и Свето Стаменов посветени на Даница Ручигај
Со овие две книги се заокружува мултимедијалниот проект посветен на Даница, кој почна со специјалната радио - емисија „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!”, што беше емитувана во пет едночасовни продолженија во текот на јули и август 2013 година на програмата на Македонското радио - Радио Скопје по повод педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија и кој кулминираше со радио - елегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот”.
Според авторите, книгите се своевиден претоп на жанрот радио - емисија во книга коментари, сведоштва, критики, есеи, поезија и поезија за поезијата на најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбршливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто.
„Ако влегуваш во овој храм, во кој љубовта е вера, помоли се!” има повеќеслојна структура, односно е преплет на повеќе жанрови и видови литература: авторски текст - коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, сеќавања на триесетина нејзини пријатели, познаници, современици и следбеници, литературни критики, есеи, избрани стихови од нејзините две антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот”, но и песни посветени на Даница, како и податоци за проекти посветени на или инспирирани од неа. И сето тоа збогатено со ретки и оригинални фотографии на нестварно прекрасната и преубава поетеса.
„Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот”, пак, има три структурални делови: авторски текст - коментар кон животот на поетесата и нејзиното време, избрани стихови на авторката и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници.
Затоа, „Ако влегуваш во овој храм, во кој љубовта е вера, помоли се!” и „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот”, всушност, се книги - концентрат на најважното за Даница, за она што не смее да се заборави за жената која сосема сама започна и сврте цела една страница во македонската поезија и култура воопшто. Но, и се уште еден обид на авторите, кои повеќе од две децении неуморно трагаат по животните и творечките врвици на Даница Ручигај, од првата македонска поетеса да биде симната копрената на намерна или ненамерна заборавеност и конечно да си го заземе местото што и припаѓа на македонското поетско небо.
Зашто, Даница Ручигај со својата исконска физика и духовна убавина и со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие наши македонски простори, пред повеќе од пет децении со своите стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” ги удри темелите на тнр. женско поетско писмо во македонската поезија и со тоа ја подотвори вратата низ која по нејзините стапки достоинствено и со дигнитет ќе тргнат повеќе модерни, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Таа, македонската Силвија Плат, амазонката на македонската современа поезија, и најхрабрите по неа се изборија за рамноправно создавање на жената во најсуптилната сфера во уметноста - поезијата, дарувајќи ни возвишени плодови на поетското создавање, збогатувајќи ја комуникацијата меѓу двата пола и облагородувајќи го светот во нас и околу нас. Затоа, мораме да признаеме, сакале или не, дека во тоа време преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува авангарда во вистинска смисла на зборот.
Промотори на „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ и „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ се проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Александар Прокопиев и госпоѓа Златица Ручигај – Поповиќ, сестра на првата дама на македонската поезија Даница Ручигај. Модератор на промоцијата ќе биде Анета Трпевска, спикерка на Македонското радио – Радио Скопје, а стиховите ќе ги интерпретира Искра Чоловиќ.
За музичкиот дел, пак, се задолжени Александар Прокопиев, Сашо Гигов – Гиш и Мимоза Кека, а аудио – дизајнот е на Бесим Кека, тон мајстор на Македонското радио и еден од бардовите на македонското аудио снимање.
Ново на Сител
-
ЕУ повика на целосно почитување на договорот за примирје меѓу Израел и Либан
-
24-годишна битолчанка купувала и препродавала кокаин
-
Пешак загина во сообраќајка кај Валандово
-
Македонските ракометарки поразени од Шведска на стартот на Европското првенство
-
Наместо протести, бидејќи ДУИ нема сила за протести добивме сценарио за конфликти, вели ВМРО-ДПМНЕ
-
Панел-дискусија за родова еднаквост и спречување на насилството врз жени и девојчиња
-
ДУИ: Полицијата ги предизвика инцидентите со палење на македонското знаме
-
Средба на министерот Муцунски со Комесарот за трговија на Обединето Кралство, Крис Бартон