Македонија
29. November 2024 - 20:17

Хаос и караници на вонредната седница на советот на Град Скопје

Без никаква пресметка и анализа, Советот на Град Скопје изгласа зголемување на цената по изминат километар на приватните превозници за 30 денари. Претседателот на Советот, Славески посочи дека оваа цена ќе се применува до мај, односно кога истекуваат договорите на приватниците.

Заклучокот беше донесен во крајно тензична атмосфера, додека советниците од СДСМ бараа пауза за да се среди заклучокот, па откако Славески не им дозволи, почнаа да излегуваат од салата за да нема кворум.

За да се зголеми цената потребно е да се направи ребаланс на буџетот на Град Скопје, нешто што според советниците на СДСМ сега е законски невозможно.

Претходно и Арсовска рече дека одлука за зголемување на цената не се носи наеднаш, туку се потребни пресметки и анализи.

Цената од 100 денари по изминат километар ја договорија приватните превозници и советниците на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната средба. Приватниците рекоа дека се задоволни и се откажаа од блокади.

Во меѓувреме, ЈСП остана со блокирана сметка. Директорот Кушовски кажа дека блокадата е од пред неколку дена поради долг кон фирмата добавувач на нафта. Вели активно се работи на деблокада, ама не знае колку точно должи.

Кушовски не знаеше ниту колкави количини нафта од државните резерви се останати од 250-те тони што им ги позајми Владата.