Бизнис
12. September 2018 - 19:42

Прометот на берзата зголемен за над 180%

Раст на прометот на Берзата од 182% за периодот јануари-август годинава, споредено со истиот период лани. Односно, за осумте месеци се тргувало со хартии од вредност во вкупен износ од околу 133 милиони евра. Податоците од Македонската берза покажуваат дека најголем удел за растот на прометот имаат блок трансакциите, во најголем дел реализирани во месец март.

Странските инвеститори учествуваат со 16% во куповниот дел, а со 40% во продажниот сегмент на тргувањето.

Индексот МБИ10 за период од осум месеци е зголемен за 33% и овој пресметковен период го заврши со вредност од 3.383,38 индексни поени.

Од Македонската берза информираат дека преполовениот промет во август, споредено со претходните месеци, всушност не отстапува од вообичаените берзански движења за тој месец. Но, објаснуваат дека неекономските фактори, односно целото опкружување, вкучително и политичкото периодов, секако дека има влијание кај инвеститорите. По повеќемесечниот раст, во последните два месеци берзанскиот индекс се соочува со блага стагнација.

Во моментов на Македонската берза котираат вкупно 106 друштва. Од десетте компании со најголема добивка, половината од нив се од банкарскиот сектор.