Промени во раководството на М-НАВ, во мирување одлуката за штрајк на контролорите на летање
Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ се очекува да го официјализира разрешувањето на претседателот на УО Фахрудин Хамиди и секторскиот извешн директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, по насоките што ги доби вчера од Владата, а по упадот во институцијата од 4 овој месец.
Одлуките на Владата го стопираа штрајкот што го најави за денеска Струковиот синдикат на контроори на летање, кој ја стави во мирување одлуката со која требаше да се затвори воздушниот простор. Основниот кривичен суд Скопје, пак, од денеска треба да одлучува за жалбата на Јавното обвинителство во однос на одлуката да не го прифати барањето за притвор за четворицата осомничени во врска со упадот во М-НАВ.
-Владата на седница даде насока на надзорниот одбор да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ и на нивно место да бидат именувани Хекуран Асани, односно Милан Кораќ, соопшти владината прес-служба по вчерашната седница на Владата. Првично Владата даде насоки нов директор на М-НАВ да биде Илир Мехмеди, но ја промени одлуката бидејќи не ги исполнувал условите.
На владината седница, според соопштението, на Агенцијата за цивилно воздухопловство и е препорачано да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај, а Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на „М-НАВ“.
Во М-НАВ од вчера е присутна и Управата за финансиска полиција која врши контрола и увид во работењето на институцијата врз основа на направениот извештај.
По одлуката на Владата, ССКЛ од каде подолг период ја спорат работата на раководството во М-НАВ и процедурите и селекцијата на конкурсите за вработување, оценија дека смените се придвижување на работите во позитивна насока.
-Ќе ја анализираме целата состојба и случувања и ако има позитивна реализација на препораката од Владата до надзорниот одбор ќе ја повлечеме одлуката за штрајк. Очекуваме соработка со новите директори затоа што станува збор за долгогодишни оперативци, изјави Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.
Од Јавното обвинителство вчера информираа дека јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложил причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во случајот со М-НАВ е неоснована.
Основниот кривичен суд Скопје, пак, посочи дека жалбите се доставени до странките и оти рокот за одговор е до денеска и откако ќе истече, Советот ќе заседава.
Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата за предметот со КОК бр. 38/16 во јавноста познат како „Змиско око“ против 46 обвинети и седум обвинети кои се судат во раздвоени пост
Жалбата следуваше откако судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе решенија со кои на четири лица осомничени за „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ во врска со нападот во М-НАВ, наместо мерка притвор побарано од Обвинителството, им определи мерки за претпазливост.
За инцидентот Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против вкупно осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Во однос на ова од Судскиот совет соопштија дека судовите се независни во своето постапување и одлучување и оти во рамки на своите законски надлежности ја следи работата на судовите.
Случувањата ги коментираше и претседателот Стево Пендаровски кој во телевизиско гостување наведе дека биле „брука“. Дента кога се случувала, како што рече физичката пресметка, високи претставници на НАТО прашувале дали е безбедно небото и за авиони на НАТО бидејќи во тој период имало два авиона на НАТО.
- Иклучително е битно да имате гаранција за безбедноста на тие луѓе. Но, добро е што Владата влезе во расчистување, рече шефот на државата, порачувајќи дека М - НАВ е зрела за генерален ремонт.
Пендаровски потсети дека незадоволството на контролорите на летање трае подолго време и оти нивниот синдикат реагирал и пред година – две, кога имаше обиди на данскиот конкурс да се примат неквалификувани кадри.
- Се работи за дел од критичната инфраструктура. На неа се гледа со посебно внимание. Постои посебен закон за таа критична инфраструктура. Ние сме членка на НАТО и не смееше да се дозволи таков скандал. Во просториите на тој дел од критичната инфраструктура, да се пресметуваат физички луѓето како да е кафеана. Мислам дека од тука треба да тргнеме и извршните органи, пред сѐ Владата да влезе во процес на расчистување. Едно е обвинителство, друго е дисциплинска постапка, трето е кадровска политика. Мислам дека таа институција е зрела за генерален ремонт, рече претседателот Пендаровски.
Од Делегацијата на ЕУ, пак, информираа дека со загриженост ги следат случувањата М-НАВ. Наведоа дека императив е именувањата во националниот давател на услуги за воздухопловна навигација и сродните услуги, исто како и за другите институции, да се засноваат на заслуги, квалификација и искуство.
-Потсетуваме на фактот дека Северна Македонија се обврза да го имплементира законодавството на ЕУ што се однесува на давателите на услуги за воздушна навигација (ANSPs). Ова вклучува одредби кои имаат за цел да се обезбеди независност на ANSP од државата, дека персоналот - особено контролорите на летање - ги исполнуваат законските барања за такви работни места и дека обезбедувањето на услугата ги почитува целите во однос на безбедноста, економичноста, капацитетот и животната средина, наведоа од Делегацијата на ЕУ.
Истакнаа дека очекуваат државните власти „брзо да ги истражат наводите за кронизам при назначувањата во овие служби, како и да ги истражат извештаите за несоодветно надворешно влијание и насилство врз персоналот што работи во М-НАВ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и вчера побараа одговорност за случувањата во М-НАВ.
- За насилството во М-НАВ не е доволно само разрешување на директори, мора да има командна одговорност и лисици на раце, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Упадот се случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на ССКЛ на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ се очекува да почнат да поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција. Претходно оставки поднесоа инженери од раководни инструкторски места поради селекцијата на кандидати на огласот. Раководството на М-НАВ тогаш ги отфрли обвинувањата и информираше дека се вработени двајца инженери и еден техничар, а поради неуреден статус во Агенцијата за вработување иако биле задоволени критериумте на М-НАВ не се вработени уште тројца инженери и еден техничар. Тасевски на прес-конференцијата информираше и дека телефонски бил повикан во Секторот за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи и му била презентирна пријава од директорите во М-НАВ, Фахрудин Хамиди и Хасим Деари. Пријавата била врз база на доставена електронска порака поради „наводно чувствување загрозеност на нивната животна сигурност“ по член 144 став два од Кривичниот законик, а Тасевски ги отфрли наводите оценувајќи ги како како притисок и заплашување.
Еден ден по упадот во институцијата претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди, на прес-конференција рече дека се работи за „немил настан“ и „конфликт и кошкање помеѓу двајца колеги“.
-Поради фактот дека веќе органите што се повисоко од нас се занимаваат со таа работа, има камери, значи има многу работи што се внатре, нека си тече истрагата. Во интерес на истрагата не сакам да навлегувам понатака. Имаме закажан Комитет за безбдност во нашата компанија, рече Хамиди, истакнувајќи дека апсолутно гарантира за безбедноста на македонското небо во време на конфликтот.
За инцидентот истиот ден се огласи и Агенцијата за цивилно воздухопловство, оценувајќи дека „не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан, инцидент или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај“.
Инспекторите од АЦВ во рамки на своите овластувања, како што информираше директорот Томислав Тунтев, извршиле вонреден инспекциски надзор и од областа на безбедноста и од областа на обезбедувањето на воздушниот сообраќај. Целта на ваквиот надзор е да се дојде до неопходни сознанија за евентуални недостатоци во системите за безбедност и обезбедување, кои би можеле да имаат евентуални последици врз сообраќајот и таквите последици да се отстранат. По завршување на надзорот ќе бидат преземени сите неопходни корективни мерки и утврдена евентуална конкретна одговорност, најави АЦВ.
По инцидентот во М-НАВ, Министерството за внатрешни работи распореди службени лица за заштита на безбедноста на објектот, но и на вработените бидејќи, како што алармираше Синдикатот станува збор за стратешки државен објект, но и поради фактот дека контролорите на летање нема да продолжат да работат под оправдан страв дека во секој момент некој од надвор би можел да влезе и да ги загрози нивните животи, а со самото тоа и животите на патниците во авионите кои ги опслужуваат.
На 21. минатиот месец ССКЛ го откажа штрајкот што го најави за почетокот на годинава поради оспорувањето на дел од позициите со огласот за вработувања и најави дека ќе ја следат реализацијата на конкурсите, постапките за селекција и евентуалните неправилности и ќе реагираат.
Ново на Сител
-
Сведокот Гоце Трајковски во случајот со убиството на Вања и Панче е осомничен за друго тешко кривично дело и по него се трага
-
Со нож се заканувал на вработен на патарина
-
Акција на грчката полиција за разбивање на турската мафија во Атина и Солун
-
Русија ги повика своите граѓани да се воздржат од патувања во западните земји
-
Екипи на ДПИ на терен, мониторинг на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“
-
Обвинителството оформи предмет за лицата ставени на „црната листа" на САД
-
Привршува истрагата за Онкологија, вештачењето во Србија ги потврдило сомнежите за несоодветно лекување пациенти
-
Османи: Моноетничките седници секогаш биле најава за лоши периоди во мултиетничка држава