Македонија
3. March 2019 - 12:56

Продолжува соработката меѓу воспитно-образовните установи од Делчево и Софија

Група вработени од гимназијата Методи Митевски-Брицо од Делчево ја завршија посетата на Бугарија што имаше за цел размена на искуства и добри практики со Приватното средно училиште „Цар Симеон Велики“ од Софија. Како што истакна училишниот педагог Дијана Цонева, се работи за посета на училиштето кое е прогласено за „Иновативно училиште“ од Министерството за образование и наука на Бугарија и е училиште-амбасадор на Европскиот парламент.

– По завршувањето на оваа значајна посета на софиската гимназија, можеме да истакнеме задоволство од сите изведени активности, преку кои имавме можност да размениме знаења, добри практики, мислења и идеи. Во споредба со нашите наставни планови согледавме дека тамошните ученици учат повеќе предмети и имаат повеќе часови како неделен фонд. Покрај редовната настава и таму се изведуваат: проектни активности, дополнителна, додатна настава и слободни ученички активности. Можам слободно да кажам дека преку оваа посета се поставени темелите за идната соработка меѓу двете училишта со вклучување на ученици и изработка на заеднички проекти, истакна Цонева.

Оваа посета се реализираше како дел од иницијативата на Фондацијата на д-р Милен Врабевски и претставува уште една од многуте меѓугранични соработки на луѓето од двете страни на границата.

Претходно размена на искуства како дел од оваа соработка реализираа вработените во детските градинки „Весели Цветови“ од Делчево и „Росица“ од Софија.