Македонија
31. July 2020 - 16:52

Продолжениот викенд го зголеми ризикот од прелевање на коронавирусот, Охрид со засилени контроли

Засилени контроли во главниот туристички центар за Илинденскиот продолжен викенд кога се очекува наплив на туристи. По традиција градот во овој период од годината го живее шпицот на сезоната но со оглед на моменталната состојба надлежните апелираат до гостите да ги почитуваат мерките и препораките за заштита  од коронавирусот. Полициски службеници од Охрид и од другите градови ке бидат распоредени во центарот , периферните делови на градот ,плажите и угостителските објекти.

Според статистичките податоци во текот на јуни и јули полициските службеници на подрачјето на СВР Охрид констатирале 700 прекршоци за неносење лична заштита на лицето.

Најголемиот проблем за сите надлежни институции се најавите за организација на бројни музички настани на повеќе локации на отворено, за кои има голем интерес од страна на туристите.

Градоначалникот на Охрид Георгиески упати препорака до организаторите да не ги организираат и одржуваат настаните доколку немаат капацитети за почитување на протоколот .

Од Кризниот штаб од Охрид велат дека деновиве сите надлежни институции ќе делуваат координирано за почитување на законските прописи и протоколите за заштита од Корона вирусот и најавија дека на повеќе локации низ градот  ќе се делат флаери се со цел подигнување на јавната свест кај посетителите.