Македонија
28. July 2019 - 16:29

Пристапноста за лицата со телесен инвалидитет се уште сериозен проблем

Пристапноста е најголемиот проблем со кој се соочуваат лицата со телесен инвалидитет во државата.  Секое скалило и непремостена висинска бариера за нив претставува сериозен проблем кој им го отежнува секојдневието. Од националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет велат во последните години има сериозни поместувања напред, нивниот глас се повеќе допирал  до  сите во општеството, многу работи биле сменети на подобро, но сепак има и проблеми кои допрва треба да се решаваат. Еден од нив е пристапноста.

,, Лицата со телесен инвалидитет се движат тешко. Дел од нив одат со инвалидски колички, дел со ортози, протези, штаки и секое скалило, секоја непремостена висинска бариера е сериозна пречка за лицата со телесен инвалидитет. Значи најнапред она што го бараме е пристапност на сите места, од јавните површини, преку јавните институции, особено објектите во кои се одржува настава од основно, средно и високо образование, вели Бранимир Јовановски - претседател на мобилност Македонија.

Од националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет велат дека подобрувањето на пристапноста, посебно до образовните институции е од огромно значење за нив. На тој начин овие лица ќе имаат можност многу полесно да стасаат до овие институции, да се едуцираат и образуваат, да стекнат одредени знаења и вештини и на тој начин да станат конкуренти на пазарот на труд,а со тоа и лично да ја обезбедуваат нивната егзистенција.