Македонија
9. October 2024 - 19:41

Прилепската болница е оставена со над 3 милиони евра долг

Прилепската болница е оставена со над 3 милиони евра долг, се пиело и јадело по ресторани на државна сметка, се плаќале сметки за фиктивно извршени услуги транспорт. Болницата плаќала сметки за 73 мобилни телефони за кои не се знае кој ги користел. Со вакви обвинувања денеска на прес конференција излезе новиот директор на Кире Јоноски. Според него само долговите за нотарски платни налози и извршни решенија во моментов биле над 40 милиони денари. Целата документација била предадена на полиција и обвинителството.

„До месец август, утврдивме дека повеќе од 6 милиони денари се потрошени во готовинско плаќање директно од касата високи суми, на некакви фиктивни лица. Се организирале родендени по игротеки и исто така истите се плаќале од каса“, вели Кире Јоноски, директор на општа болница Прилеп.

Јоноски обвини и дека биле вршени фиктивни транспорти на име службено патување, така што само за месец јули, извршени биле над 70 вакви транспорти. Исто така било извршено бришење на ставка во износ од повеќе од 1.500.000 денари на име промет од ПОС Терминали. Во моментов сметката на болницата била блокирана.

„Затекнавме и големи суми  за ресторански услуги и репрезентации фактурирани од повеќе познати ресторани од Прилеп, кои се книжени на конто кујна. Верувале или не една иста фирма фактурирала високи суми на фиктивни фактури за услуги како повравка на ѕидови, поправка на машини за перење, чистење на клима уреди, косење на трева, дезинфекција на подови, до едукација на медицински сестри (а ниту една медиџцинска сестра во болницата не е запозната со таа едукација) со еден збор “фирма за се“, додаде Јоноски.

Од претходното раководство телефонски ни истакнаа дека одговор на овие обвинувања ќе имаат во периодот кој следува.