Бизнис
13. November 2018 - 20:36

Прилепчани ќе пијат поскапа вода

Советот на Општина Прилеп денеска го изгласа поскапувањето на сметката за вода за 17,35 денари по метар кубен, поради започнувањето со работа на пречистителната станица. Воведувањето на цената за оваа нова услуга било дел од договорот од 2008 година кога се обезбедиле средства за изградба на станицата.

„Цената на водата е 26.22 денари, цената на канализацијата е 5.28 денари, цената на пречистување на урбани отпадни води е 17.35 денари. Цените на сите овие водни услуги се за околу 25-30% пониски од цените кои со решение ги има утврдено Регулаторна комисија“, изјави Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

Опозицијата обвини дека локалната власт не сакала да дискутира околу тоа дел од работата на пречистителната станица да биде субвенционирана од општината или државата.

„Ако досега едно просечно семејство плаќало 500 денари сметка за вода, сега ќе плаќа некаде околу 800 денари, што би дошло некаде за околу 60-70% повисоки сметки за вода“, истакна Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Од опозицијата рекао и тоа дека со ова се потврдило дека градоначалникот Јованоски излажал кога пред изборите ветил дека ќе ја намали цената на сметката за вода за 20%.