Македонија
8. February 2023 - 12:16

Прилеп бара државата да му ја отстапи универзалната спортска сала

Прилепските спортисти бараат државата под итно да ја отвори „Универзална сала“ и да ја даде во владение на Општината за да истата стане достапна за спортистите. 

По серијата прилози на Сител дека двете најголеми спортски сали во Прилеп со години зјаат празни, а спортистите тренираат во несоодветни услови во училишни сали, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, излезе со став дека „Универзална“ сала со која владее ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, може веднаш да биде отворена, затоа што проблем било само една оштетена трибина која можела да се затвори додека се санира. 

Спортистите охрабрени од овој став покренаа петиција, Агенцијата да биде медијатор помеѓу државата и општината за отворање на овој објект. 

„Имаме машки и женски ракометен клуб, имаме кошаркарски клуб, одбојкарски клуб, имаме повеќе клубови и школи, но за жал немаме ниту една сала“, вели Рубинчо Седлоски, спортски работник.

„Најмногу се соочуваме со повреди на децата, затоа што онаа подлога каде што тренираме не е соодветна за кошарка, не е соодветна за колективни спортови, таа е тврда подлога каде не може да се натпреварува и не може соодветно да се тренира на таа подлога“, рече Данаил Домлески, претседател на кошаркарски клуб „Мега Баскет“ Прилеп.

„Со самите спортски настани во градов се развива и економијата, носиме и од страна други спортски натпревари и екипи и од меѓународно ниво, што значи економијата во градот ќе се подобрува“, додаде Кире Здравески, претседател на џудо ветерани од Прилеп.

Од Општината прифаќаат да ја добијат салата во владение и да ја санираат оштетената трибина. 

„Сигурно како втор план ќе се насочиме и кон отворање на другата спортска сала во градот, сала „Македонија“ која така тлее“, додаде Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Во моментов клучот за „Универзална“ сала и нејзиното брзо отворање е кај волјата на државата.